Слаб интерес за поставување фотоволтаици: Што ги колеба скопјани, скапата инвестиција или бавната процедура?

Нема голема заинтересираност на граѓаните за поставување фотоволтаици на покривите на куќите или на зградите, барем според податоците од неколку скопски општините чија обврска е да издаваат решенија за оваа намена. Засега, барањата за вакви дозволи се бројат на прсти, иако долгорочно, во услови на енергетска криза и скапа струја, станува збор за многу исплатлива инвестиција. Така, на пример, во општина Чаир досега не е поднесено ниту едно барање за инсталирање фотонапонски панели во домаќинствата, а во општина Центар се пристигнати шест, од кои само едно е од физичко лице. Во Кисела Вода, пак, досега, како што велат, се доставени само четири барања.

Сепак, со оглед на фактот дека законските измени со кои се дозволи поставување фотонапонски централи за граѓаните до 6kW беа направени пред два месеца, а за да се побара дозвола за поставување опрема за производство на струја на сончева енергија треба да се обезбедат неколку документи, можно е бројот на барањата да се зголеми во наредниот период. Секако, слабата заинтересираност може да се должи и на фактот што станува збор за скапа инвестиција, која чини најмалку 6000 – 7000 евра.

Некои од граѓаните што веќе поднеле барање велат дека процедурата е бавна и долго се чека за дозвола од општините.

Повеќе од еден месец чекам да ја добијам таа дозвола иако рокот е само неколку денови. Не знам дали има голем наплив на барања или има некаков друг проблем што толку се чека – вели жител на Кисела Вода.

Од Општина Кисела Вода објаснуваат дека оваа материја е многу малку уредена со закон, освен дека треба во рок од 5 дена да се издаде дозволата што, според нив, реално е многу тешко да се постигне.

Имаме 4 предмети од кои досега два се решени, а два се во фаза на постапка. Може да се чека повеќе од месец доколку е некомплетна документацијата или ако објектот има неколку сопственици, па се бара согласност од сите. Како и да е, на барателот му укажуваме што му недостасува, што треба да дополни за да ја добие дозволата – велат од Општина Кисела Вода, иако признаваат дека е можно малку да е забавена постапката и поради летните одмори.

Во однос на тоа дали излегуваат на терен за да ја утврдат состојбата на објектот за кој сопственикот бара дозвола за поставување фотоволтаици, од Кисела Вода објаснуваат дека тоа го прават доколку постои и најмал сомнеж дека покривот не би ја издржал тежината на таблите, особено доколку станува збор за многу стара градба.

Во Законот за градење во член 73 е наведено дека не е потребно одобрение за градење за фотонапонски панели за производство на електрична енергија со максимален инсталиран капацитет до 1МW кои се поставуваат на објекти. Во следниот член, пак, е прецизирано дека за поставување на опремата, се поднесува барање за изведување односно поставување со потребна документација до општината, општината во градот Скопје односно градот Скопје, на чие подрачје треба да се изведе градбата, односно да се постави опремата.

Надлежниот орган од ставовите 1 и 2 на овој член донесува решение за изведување на градбата односно поставување на опремата, во рок од пет работни дена од денот на приемот на барањето, доколку доставената документација е комплетна и се исполнети условите за изведување на градбата односно поставување на опремата, а во спротивно донесува заклучок за прекин на постапката со кој го задолжува инвеститорот да ги отстрани констатираните недостатоци во рок од седум работни дена од приемот на заклучокот. Доколку инвеститорот ги отстрани констатираните недостатоци и го дополни барањето во утврдениот рок, надлежниот орган е должен во рок од три работни дена да донесе решение за изведување на градбата, односно поставување на опремата, а во спротивно донесува решение за одбивање на барањето – се прецизира во член 74 став 3 од Законот за градење.

Линк до целиот текст.