Македонија минатата година забележа демократски напредок, се вели во најновиот извештај на „Нации во транзиција“ на „Фридом хаус“.
Во него земјава е најдобро пласирана од сите држави од Западен Балкан со резултат од 48 поени од можни 100, но, сепак, државата и натаму е во групата на транзициски или хибридни режими.
Македонија има оценка од 3.86 за демократски прогрес, а која во претходниот извештај била 3.82. Според одделните категории, највисока оценка земјава добила за граѓанско општество, додека најниско е оценета во категориите судска рамка и независност и за корупција со 3.25.
Сепак, и покрај демократскиот напредок, според мапата објавена во извештајот, С Македонија и натаму останува во друштвото на земји со транзициско владеење или хибриден режим, каде што се останатите држави на Западен Балкан – Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово
Во извештајот е нотирана и силна политичка поларизација во земајва, која се рефлектира во парламентарните блокади, што, како што се наведува, влијае во носењето на законите.
„Во С. Македонија силната политичка поларизација и парламентарните блокади го попречуваат донесувањето на легислативата на национално ниво, но постојаните подобрувања на локалните власти во транспарентноста, граѓанското учество и меѓуопштинската соработка имаа значително позитивно влијание врз демократијата и испораката на јавни услуги“, се наведува во извештајот.
Во него се забележува дека кај граѓаните на земјите од Западен Балкан постои разочараност во однос на процесот на пристапување кон Европската Унија.
„Граѓаните на земјите од Западен Балкан се чувствуваат напуштени од домашните елити кои се спротивставуваат на демократските реформи и од меѓународните елити кај кои отсуствува решителност да го следат процесот на пристапување“, се наведува во извештајот, пренесува МИА.
Во извештајот се нотира дека во текот на 2022 година демократските институции на Западен Балкан продолжиле да слабеат, а скромни подобрувања се бележат во Македонија, Албанија и во Косово.
