„Скопско ехо“: „Со македонски пари Историската комисија и ‘зема мерка’ на македонската историја на бугароцентричен начин!“

„Асистенти, кои ќе помагаат во работата, ќе добие македонскиот тим во заедничката комисија на историчарите од Македонија и Бугарија. Ова денеска го најави министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој рече дека изборот на помошници ќе го направат самите членови од македонскиот тим. Дали тие асистенти ќе бидат нов трошок во буџетот, или ќе се плаќаат од високите хонорари кои веќе ги добиваат комисистите?“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „„МНР ќе му даде и асистенти на комисистот Драги Ѓоргиев: кого ќе одбере тој и кој ќе го плати тоа?“

Весникот пишува: „Министерството за надворешни работи создава Секретаријат, меѓутоа повторно од луѓе, коишто ќе бидат предложени од Комисијата. Тоа ќе бидат нивни асистенти, кои ќе им ги подготвуваат материјалите, ќе им помагаат во административниот дел и во раководењето со нивната работа. Тоа ќе биде цел Секретаријат, што ќе биде во функција на поефикасно подготвување и функционирање на Историската комисија, бидејќи нивниот степен на подготвеност ќе биде исклучително важен за динамиката на нивната работа, рече Османи.“

„Тој нагласи дека иако МНР ќе ги склучи договорите со овие луѓе во Секретаријатот, ниту едно име нема да биде предложено од Министерството, туку оти чекаат од Комисијата таа да ги избере своите соработници. Какви кадри ќе повика првиот меѓу комисистите, Драги Ѓоргиев? Сака ли тој во комисијата помошници – историчари, или само административци – асистенти? Тоа е дилемата по најавата дека со државни пари ќе се прави уште поголем тим околу Комисијата, која и зема мерка на македонската историја. Дали на таа комисија и недостига некој експерт од средновековието, некој авторитетен историчар – професор?“

„На продолжувањето на средбите со бугарските колеги македонскиот дел од комисистите доби нов член, историчарот Димитар Љоровски, на местото на Ванчо Ѓорѓиев, кој си поднесе оставка. Љоровски е историчар и професор во Институтот за национална историја. Но, и со ова ново приклучување не се отстрани голема забелешка, којашто досега постоеше за составот на македонскиот тим – немањето експерти за средниот век, кирилометодиевисти, палеослависти, слависти.“

„Бугарија неодамнешните препораките на комисијата ги оквалификува како голема дипломатска победа. Во Македонија реагираа околу 150 македонски академици, декани и универзитетски професори, кои препораките на комисистите ги отфрлија со огорченост. ‘Во овие ‘Препораки…’ македонската … историја се толкува на бугароцентричен начин…’ – реагираа тие во нивно соопштение.“

„Дали се извлекоа некои поуки од оваа реакција кај нашиот дел од Комисијата? Ангажирање асистенти е добра работа, но ако е заради подобрување на содржината, која ја работи комисијата, а не за да ‘им помагаат во административниот дел и во раководењето со нивната работа.“