„Народот му бапнал единица на ‘ученикот’-премиер Ковачевски. Сака ли да биде подобро оценет од граѓаните на Македонија, или му е можеби поважно, што ќе му пишат странските дипломати во ‘свидетелството’?“ – прашува весникот „Скопско ехо“ во својата редакциска статија со наслов „Чија оценка е поважна за Ковачевски – од народот, или од странците?“

Скопско ехо“ пишува: „Иако е летен распуст пред некој ден во Македонија се делеа оценки. Граѓаните преку анкета спроведена на 1.014 испитаници го оценуваа досегашното работење на премиерот Димитар Ковачевски. Дури 36 отсто од испитаниците на премиерот му бапнале единица. Со слаба двојка го оцениле 15 отсто од граѓаните. Значи повеќе од половината од жителите на Македонија, односно 51 отсто од нив се ептен многу разочарани од работењето на Ковачевски.“

„Ќе ги поправа ли премиерот овие ниски оценки? Сака ли да биде подобро оценет од граѓаните на Македонија, или му е можеби поважно, што ќе му пишат странските дипломати во ‘свидетелството’?

„Ако тргне да ги поправа оценките од граѓаните, ќе треба многу повеќе да работи за доброто на Македонија. Но, ако сака повисоки оценки од странците, ќе треба само да биде послушен и редовно да оди кај нив на часови.“

„Што ќе избере „ученикот“ Ковачевски?“