Годинашниот 41. Скопски џез фестивал ќе се одржи од 13 до 16 октомври. Организаторите велат дека внимателно составената програма и годинава го имаше императивот за сочувување на високиот меѓународен рејтинг на фестивалот и традицијата тој да го претстави најдоброто од светот на џезот и импровизираната музика. Десет реномирани состави од САД, Бразил, Европа и Македонија ќе музицираат во салонот на Националната опера и балет и во Младинскиот културен центар.

Програмата, распоредена во четири вечери е разновидна и исполнета со низа ексклузивни настапи на некои од најголемите имиња на современиот џез и креативната музика денес.

Фестивалот годинава ќе биде отворен со концерт на ансамблот Exploding Star Orchestra, предводен од лидерот на чикашката авангарда, прославениот трубач, композитор, аранжер и визуелен артист Роб Мазурек. Ова е единствениот настап на оркестарот во Европа (покрај оној во Лисабон летово) со актуелната инкарнација на Exploding Star Orchestra, заслужна за ремек-делото „Dimensional Stardust” од 2020 година. Ексклузивноста во Скопје ќе добие уште повеќе на тежина со придружбата на 20-члениот камерен оркестар на Fames – European Orchestral Performing Institute, изведувајќи заедно, покрај материјал од спомнатиот албум, и дело специјално напишано за оваа прилика.

Истата вечер во МКЦ ќе музицираат Zulu 3.4, современо инструментално трио од Скопје коешто го сочинуваат Дамјан Даневски (тапани), Мартин Џорлев (клавијатури) и Марио Симоновски (гитара). Формирани се во 2018 година, водени од идејата преку фузија на различни стилови и со употреба на современи технички помагала да создадат уникатен звук и да внесат свежина на домашната музичка сцена и пошироко. Нивната музика, распоредена на три албумски остварувања, содржи широк спектар на влијанија и инспирации: од најсуптилните мелодични изданоци на чикашкиот пост-рок па сè до некои модерни (не само) џез фузии, проникнувања и вкрстувања.

Втората фестивалска вечер ќе ја одбележи, пред сè, специјалниот проект Turiya на џез-перкусионистот број еден во светот Хамид Дрејк, посветен на делото на афроамериканската активистка, композиторка, органистка, пијанистка, харфистка, автор на неколку книги и духовен водач Алис Колтрејн.

Петочната програма продолжува во МКЦ каде што најпрвин ќе настапи новото noise/funkrock/sound-art трио ABACAXI.

Полноќниот концерт на домашниот џез состав Taxi Consilium ќе ја заокружи првата половина од годинешната фестивалска понуда. Се работи за исклучително интересна екипа составена од неуморни музички активисти (членови на: Cobalt Code Unit, Yordan Kostov Quintet/Ensemble, Filip Bukrshliev Trio, Fighting Windmills, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Shock Troopers и Пијан Славеј) што гравитираат околу бујно талентираниот, интелигентен и инспиративен гитарист Филип Букршлиев – ланскиот добитник на наградата „Најдобар млад македонски џез музичар”.