Бугарското Министерството за надворешни работи (МНР) оценува дека се провокација реакциите во Македонија за случајот со детското ликовно студио „Кирил и Методиј“, организатор на колонијата „Мал битолски Монмартр“, кое носи деца во Бугарија на средби со бугарски политичари.
Меѓаши: „Битолски Монмартр“ го злоупотребува децата во политички цели
Уште една провокација за добрососедските односи меѓу Бугарија и Македонија, е оценката на бугарското МНР кое, како што се вели во соопштение објавено вчера, „ја изразува својата поддршка за сите иницијативи насочени кон зближување на младите од Бугарија и Северна Македонија преку културна и образовна размена“.
Во реакцијата се вели дека благодарение на Фондацијата „Бугарска меморија“ и со поддршка на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија, детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ од градот Битола уште една година реализираше серија настани за талентирани деца од различни земји, од кои еден се одржа во Бугарија.
„Обидите да се претстават ваквите позитивни иницијативи во негативен контекст во Македонија предизвикуваат загриженост и збунетост.
Нејасно е како, како проблем се претставува демонстрацијата на почит од страна на официјални претставници на бугарската држава кон талентот на младите уметници и читањето на светски реномираното ремек-дело на литературата за деца „Малиот принц“ од шефот на државата (Р.Радев) на Република Бугарија.
Повикот за поплаки против група деца кои ја посетуваат Бугарија, за што постои експлицитна согласност од нивните родители, е обид за формирање негативно јавно мислење и ставови и претставува притисок врз оние локални граѓани и организации кои го поддржуваат пријателството меѓу двете земји“ се вели во соопштението.
„Посебно вознемирува што тоа се случува во овој крајно одговорен момент, кога власта во Скопје се изјасни дека се стреми да создаде позитивна клима за усвојување на уставните измени.
Градењето добрососедски односи со Бугарија подразбира радикално поинаков, европски пристап.
Ги повикуваме нашите пријатели во Скопје да ги насочат своите напори за обезбедување на европската иднина на Македонија“ се вели во соопштението на бугарското МНР.
