„Учебникот по Историја за петто одделение изобилува со грешки и не го користи терминот Македонија.“ – реагира Здружението на историчари на Република Македонија.
Здружението укажува: Ако се употребува во наставата учебник по Историја за петто одделение од авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска, ќе му нанесе непроценлива штета на воспитно-образовниот процес и ќе влијае негативно врз развојот на учениците, реагира Здружението на историчари на Република Македонија.
Здружението на историчари наведува дел од, како што се нагласува, многуте недостатоци. Сите забелешки, интегрирани во опсежна критичка анализа ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука, со барање да го повлече учебникот од употреба. Истото тоа се однесува и на Концепцијата за основно образование, од која е произлезен споменатиот учебник, кој е заснован на новата наставна програма.
Покрај другите, Здружението на историчари на Македонија ги наведува следниве забелешки:
Во самиот вовед на делот за археологијата се имплицира дека најстарите локалитети се од металните времиња, што не е точно, бидејќи еден од најзначајните периоди кај нас е каменото време. При споменувањето на Кокино, постојано се повторува „градба” и „изградено” (стр. 145), а, всушност, се работи за природна карпа која е секундарно обработена. Во однос на Хераклеја се вели дека „основан е во VI век пр.н.е.” (стр. 149). За тоа не постојат никакви докази (археолозите овој град го определуваат хронолошки во IV или пак во II век пр. н. е., но во никој случај во VI век пр. н. е.). Воедно, се констатира дека Хераклеја била колонија, без, притоа, да се прецизира што претставува тоа, односно чија колонија била.
Македонија како историски термин воопшто не се користи. Единствено се користи името „Република Северна Македонија”, и тоа во врска со мапата на која учениците треба да ги нотираат археолошките наоѓалишта.
Придавката македонски е употребена само на четири места, и тоа за користењето на Јулијанскиот календар од страна на „македонската православна црква” (стр. 124, 126 – иако официјалното име е Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија); потоа за апстрактната задача која им се дава на учениците да дознаат „кои се архаичните македонски имиња на месеците и зошто така се викаат” (стр. 126), како и за Марко Цепенков, „собирачот на македонски приказни” (стр. 129). Toa доволно ја илустрира концепциската поставеност на учебникот.
„Неприфатливо да ја доведуваме во прашање иднината на нашите деца, а со тоа и на државата и на нацијата.“ – категорично заклучува Здружението на историчари на Македонија.
Home Македонија Скандалозно влијаење врз националната свест кај македонските ученици: во учебникот по историја...