Колку побргу наближува финалето и можната катастрофална антимакедонска разрешница на бесмислениот спор на Бугарија околу постоењето на македонската нација со својот различен јазик, засебна историја и автентичен македонски идентитет, оспорувајќи ги, толку повеќе во видното поле се појавуваат и Албанците и нивните интелектуални и политички претставници со свои позиции во однос на бугарските напади врз Македонците и македонизмот. Создадена е ситуација кога мора да се фрли аналитички поглед врз дел од тие позиции, особено на најновата колумна на Арсим Зеколи, објавена со наслов „Позиционирањето на Албанците во македонско – бугарскиот спор“ во албанските медиуми.

Македонците не бараат ничие „солидаризирање“ околу недозволивите национални идентитетско-јазични преговарања

Зеколи вели: „Македонската страна сега повторно бара во спорот со Бугарија Албанците да бидат солидарни со нејзините позиции исто како во случајот со Грција.“ Кој „бара солидаризирање со позициите на македонската страна“? Дали политичарите и претставниците на „северната држава“, кои се обидуваат Македонците и сиот нивен „национален багаж“ да им го „продадат“ сега и на Бугарите топтан и за бадијала, исто како што сторија со Грците, во името на „повисоките интереси“ и на „светлите европерспективи на северна и на целиот Балкански регион“?

Најкатастрофалната утка е што воопшто се дозволило да се преговара за нешто за што апсолутно не се преговара: за етноним на еден народ, македонскиот, за именувањето негово и според него на неговата држава Македонија, за македонскиот идентитет, јазик, култура и историја. Вратите за овој процес, единствен досега ваков во светската историја, ги отворија уште пред повеќе од две децении „преговорите околу името“ со Грција, а сега, во втората фаза на разнебитувањето на Македонците и македонизмот, и „преговорите“ со Бугарија. Македонците како народ не бараат ничие солидаризирање околу националните идентитетско-јазични и историски преговарања сега со Бугарите, кои мораат веднаш да бидат прекинати. Албанците, кои живеат во Македонија, со самото тоа што споделуваат ист животен простор со македонскиот народ, би морале самите со своја поддршка да застанат на негова страна. Но, ниту Албанците, никој кој било друг, не е фактор, кој е повикан да се прашува за било што околу идентитетот на македонскиот народ, а камоли да одлучува за него и негови аспекти. Ист е принципот и во поглед на Албанците: кој фактор би биле Македонците да се изјаснуваат, или да одлучуваат за нешто во врска со идентитетот, јазикот или другите слични аспекти кај Албанците, ако претпоставено, некој би намислил да им ги оспорува, заради некакви регионални општобалкански, државни или какви било „повисоки“ причини и цели? Македонците имаат народна поговорка: „Не бидувај мирудија во туѓа манџа“.

Како би реагирале Албанците, како би го доживеале „солидаризирањето“ на Македонците со “цврстите аргументи на српската страна“ во жестокиот судир меѓу нив и Србите околу Косово? Или, како Србите би сфатиле, ако Македонците преземат некои постапки, претпоставено, макар и делумно во полза на Албанците? Србите и Албанците веќе стасуваат во своите односи до рамниште на голема омраза и на Косово веќе ѕвечка оружјето. Сега едни на други ги негираат потеклото и идентитетот според „македонскиот рецепт“: Србите ги прогласуваат Албанците како „измислена нација“, а Албанците им возвраќаат дека „Србите се нација создадена во 19.век“, оти нивниот славен „вожд Караѓорѓе имал албанско потекло“. Историјата има непобитни факти што е точно, а што не, и индивидуално секој од нас може да мисли што сака. Меѓутоа, на колективно рамниште кој ги повикал Македонците како народ за позиција околу овој српско – албански спор? Каква потреба имаат тие да се вмешуваат во овој контекст, да просудуваат за „цврстите аргументи“ на оваа или онаа страна? Ако не може обострано нешто да помогне, најмудро е Македонија да си се тргне настрана и да им препушти на Србија и Косово да си ги решаваат односите без нејзините „добри услуги“. Секој народ треба да развива свое стратегиско размислување и да пројавува колективна мудрост во вакви чувствителни ситуации и случаи особено на Балканот.

Арсим Зеколи ја одредува „правилната позиција на Албанците во македонско-бугарскиот спор“: „Албанците треба да заземат и да применат став на коректност и позитивна неутралност, ослободена од предрасуди, пристрасност и навивање за која било страна. Албанците се должни да ја почитуваат реалноста на македонското идентитетско-јазично постоење, но и не можат ѓутуре да ги отфрлат бугарските аргументи за нивните прогонувања во одредени историски периоди, за потеклото на историските личности, кои отворено го признале и го истакнале своето бугарско етничко потекло, предизвиците низ кои минувале Бугарите по 1945 година и вулгарно-агресивната кампања осмислена против нив и Бугарија.“ Ова не е пројавување вистинска неутралност, туку е, всушност, „фрлање ишарети“ на двете страни, „седење на две столици“. Ако Албанците самите не чувствуваат потреба да искажат колективна поддршка, тогаш е најдобро сосема да се тргнат на страна и да си ги гледаат своите работи, а Македонците и Бугарите да ги остават самите да ги решаваат заемните односи.

Како граѓани на Македонија имаат и Албанците свои стремежи и национални цели за влегување во Европската Унија. Пропаѓањето, или трајното блокирање на „добрососедските преговори“ со Бугарија и затворањето на вратите на ЕУ би им ги нарушило тие стремежи и цели, дотолку повеќе ако Албанија би стартувала со свој евроинтегративен процес. Но, бранејќи ги идентитетот и засебноста на своето постоење, мораат ли Македонците да му се извинуваат било кому, ако не му се исполнат „визиите“ за влегување во „европскиот рај“? Збор – два за тој „рај“. Дали на Албанците со нивниот конзервативен менталитет, каков што имаат и Македонците, со нивното традиционално и патријархално општество, со инсистирањето на зачувувањето на семејството и неговите вредности, исто како што е и кај Македонците, навистина им одговараат оваа Европска Унија и нејзините „либерални европски вредности“, во која, на пример, таткото и мајката се се повеќе „родител 1“ и „родител 2“? Има и други аспекти, поради кои треба да се изанализира дали и кој колку би загубил навистина, ако Македонија не би добила според „своја вина“ „датум“ за европреговорите, кои би траеле до 2100-та година.

Но, не е ли е можно и Македонците и Албанците и Турците и сите, кои живеат во ова парче македонска земја, да развијат конечно сопствена „формула“ на заемна почит, разбирање и помагање, да изнајдат заеднички животни и развојни интереси и да започнат првин „внатрешно да ја европеизираат Македонија“, во очекување додека Европската Унија преживее и да се преобрази во „сојуз на суверените нации“, ако во меѓувреме можеби не ја снајде судбината да пропадне и да се распадне?

„Балканскиот покер“ на светските „геополитички комарџии“ и народите како нивни „ситни чипови“

Дали е толку тешко да се согледа дека светските сили – „геополитички комарџии“ во борбата за сопствените зони на интереси и влијанија ја замислиле и ја играат својата „балканска партија на политички покер“, ширејќи меѓу подделните етникуми концепти и политики на различни и спротивставени очекувања и цели во живеењето и опстојувањето на истиот и заеднички балкански простор, само заради предизвикување судири и омраза? Тие „геополитички коцкари“постојано бараат „маши“ и заради надворешно и внатрешно растурање на Македонија. Никој не треба да биде „ситен чип“ во нивниот „балкански покер“, чиј дел е и „спорот“ на Бугарија со Македонија, никој не треба ниту сам неповикан да игра во него. Потребни се меѓусебна толеранција и разбирање, сфаќање дека кога дветските сили ќе ги спуштат своите „карти на балканската маса“ тогаш сите жители на Македонија ќе мора да продолжат да живеат заедно кај што се. Дали е подобро да продолжат да живеат не во држава претворена во пустина, туку во релативно пристоен дом, во кој ќе се почитуваат едни со други, без омраза? Арно ама, во меѓувреме, веќе сега ќе мора да се промени неодржливата ситуација на предоминирање на албанскиот елемент во тој дом, во извршната власт. Сервилните и анационални македонски политичари мора да бидат заменети со личности, кои ќе се раководат од барањата и националниот пулс на македонскиот народ.

Се осврнувам на ставот на Зеколи и во врска со „бугарските аргументи“. Не постојат „прогонувања на Бугари во одредени историски периоди“, туку постојат прогонувања на Македонци од страна на Бугарите. Ниту Гоце Делчев, ниту кој било друг од плејадата македонски револуционери не го признале и не го истакнале своето „бугарско етничко потекло“. Достапните историографски извори и непобитни факти докажуваат дека се бесмислица и тврдењата оти имало „предизвици низ кои минувал бугарскиот етникум во периодот по 1945 година“, како и дека има „репресирано бугарско малцинство“ во Македонија, кое дури треба да си најде свое место во Македонскиот Устав, како што тоа сакаат да го направат Бујар Османи и другите застапници на антимакедонскиот пробугарски заговор. „Вулгарно-агресивната кампања осмислена против Бугарија и Бугарите“, која што ја споменува Зеколи, со оградувања од поретките и непотребни навредувања кон бугарската нација, е само легитимна самоодбрана на македонскиот народ, кој јасно кажува дека не е „същите хора“, ист народ со Бугарите.

Чија е сопственоста врз терминот Македонија и на нејзината територија, ако не е на Македонците?

Во својата колумна Арсим Зеколи изнесува уште еден момент, на кој мора да се обрне внимание: „Сопственоста врз употребата на поимот Македонија во однос на антиката ги засега Албанците не помалку од самите Грци, антиката и автохтоноста на просторите на територијата именувана како Македонија. Албанците никогаш не го присвоија ова име.“ Во врска со овој став на Зеколи имам одредени дилеми како може да биде разбран и затоа ќе приведам првин карактеристични истапувања на двајца албански научници. Во колумна со наслов „Албанците се вистински Македонци, а Бугарите се фалсификат – Македонци“ објавена во октомври лани, Елена Коцаќи, историчар – албанолог од Универзитетот „Александер Мојсиу“ од Драч, Албанија: тврди: „Во Македонија единствените вистински Македонци се само Албанците. Бугарите сакаат да им го украдат на Албанците овој историски термин ‘македонска етничка припадност’. Со тоа се присвојува еден многу славен дел на историјата на Албанците. Албанските политичари не треба да им дозволат на други употреба на терминот ‘македонски етникум’, бидејќи единствени наследници на античка и средновековна Македонија се Албанците. Терминот Македонија нека биде за албанско – бугарската држава.“

Претставувајќи ја својата книга „Античка Македонија од антиката до нашето време“, историчарот Јусуф Буџови, кој се третира како висок научен авторитет во севкупната албанска историографија, во октомври во 2019 година во Скопје ќе изнесе и вакви тврдења: „Денешниот политички македонски народ е формиран врз бугарско – словенски амалгам. Неговиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик. Македонскиот народ и денешната македонска држава немаат никаква врска со античка Македонија и со античките Македонци. Македонија се јавува како историско име на Албанците. Албанците се легитимни наследници на античка Македонија и на нејзината цивилизација. Албанците се присутни уште од антиката на овие простори, на кои се наоѓа денес денес македонската држава“. Македонските историчари имаат многу поголема компетенција аргументирано и со факти да се произнесат за овие целосни негирања на македонската нација и на нејзината историја, кои имаат ист стил и тон како и грчките фалсификати, содржани во „Преспанскиот договор, па јас само прашувам: дали и Арсим Зеколи говори за „албанската сопственост врз употребата на поимот Македонија и на територијата на Македонија од антиката до денес“, исто како и Коцаќи и Буџови? Или не? Ако е тоа точно, тогаш ова не претставува влог за градење иднина на македонската држава, туку е создавање нов опасен расцеп во ионака кревките македонско – албански односи…