Претседателот на Синдикатот за градежништво, Иван Пешевски, смета дека е невозможно повеќе од 50 часа неделно да се работи во секторот градежништво, а епилогот е повредени работници, паднати работници од скелиња, загинати на самите автопатишта, во контекст на законските измени што ги форсира власта за изградбата на автопатите од страна на „Бехтел и Енка“. Според синдикалецот, тоа се работни места со ризик работни каде што луѓето се изнемоштени и за 8 часа, а не пак за прекувремени часови.
– Можеби ќе чини повеќе тој автопат, меѓутоа пак ќе кажам нема цена човечкиот живот. Од друга страна, согласноста што треба да ја потпишат работниците во старт е неуставна. Повторно ќе кажам, како синдикат ќе ја оспоруваме и ќе пријавуваме секако во државниот инспекторат за труд, меѓутоа за нас најголем страв постои бидејќи државата е најголем инвеститор во овие автопатишта и дека таму нема да има никаква контрола од страна на државниот инспекторат за труд, вели Пешевски во интервјуто за РСЕ.
ССМ ќе ја оспори законската одлука со која работната недела би траела повеќе од 40 часа, уверува тој.
– Повторно како Сојуз на синдикати на Македонија и Синдикат за градежништво ќе бидеме принудени да ги оспоруваме тие членови пред Уставниот суд каде што веруваме дека повторно Уставниот суд ќе ги донесе истите заклучоци, истите одредби, истите одлуки, бидејќи навистина е невозможно во еден сектор со сите работни места кои сами по себе се со висок степен на ризик и луѓето се изложени на надворешни влијанија 24/7 во текот на неделата, да работат по толку часови за сметка за некакви си средства, додава Пешевски.
Како што вели, во секторот градешништво има најголема нелојална конкуренција кога станува збор за работникот, кој во оваа дејност се уште добива дневна надница во плик.