Голем број граѓани синоќа уживаа во премиерата на „Македонисимо“ на пијанистот Симон Трпчески, пред платото на МОБ. Трпчески и пријателите приредија вистински спектакл за љубителите на убавата музика.

Како што вели Трпчески, „Македонисимо“ претставува спој на македонската народна песна со џез и класична музика. Тој на својот Фејсбук профил, утрово се заблагодари на како што напиша – вистинските поддржувачи на уметноста и на Македонија. Особено изрази благодарност до целата публика која во голем број присуствуваше на настанот.

Албумот „Македонисимо“ ја обработува македонската народна музика од композиторот Панде Шахов. Албумот беше издаден од британската етикета „Лин рекордс“. Инаку во тимот на „Македонисимо“ освен Трпчески, свој придонес даваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и на кавал, и Влатко Нушев, удиралки.

Скопјани уживаа во оригиналната изведба на најубавите македонски песни и ора.