Силјановска: Пауновски не е подреден на премиерот ни на министрите

…Точно е дека директорот на ДПИ е именуван од Владата, но апсолутно тој не е подреден на премиерот ниту на министрите. Нема никаква хиерархија меѓу државна и јавна администрација и политика, тој стои на чело на една институција која функционира само исклучиво на начелото на стручност и компетентност“ објасни денеска од собраниска говорница пратеничката Гордана Силјановска-Давкова.

Силјановска ја критикуваше Владата дека незаконски го разрешила директорот на државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Стојко Пауновски, затоа што одбил да ги прими 35 нови вработени според „рамковниот“ за кој Пауновски јавно се произнесе дека не се доволно стручни.

„Шокантно е 90 отсто од вработените да застанат зад вас (Пауновски), а сите министри да не ве поддржуваат.

Чувме дека причина за заминувањето бил пркосот. Фантастично. Тоа е една од најдобрите човечки особини. Пауновски пркоси на кршењето на правото и Уставот, на неморалот затоа што знае дека без етика, морал и владеење на правото не може да има ефикасна пазарна инспекција“, рече Силјановска.