Силјановска контра анализата на СДСМ: Неодржлива политичка математика

Професорката и пратеничка Гордана Силјановска Давкова реагира на анализата на СДСМ според која партиите од владеачката коалиција победиле на изборите ако се бројат гласовите кои би се анализирале во контекст на број на пратеници освоени како за парламентарни избори.

Професорката вели дека математиката на СДСМ не е соодветна.

“Македонија има т.н квази-претседателски систем на локално ниво, сличен на еден од американските модели, познат како „градоначалник- совет“. Значи, инокосната извршна власт е во рацете на градоначалникот/градоначалничката, под кој/која е локалната администрација, а претставничката ја врши советот, како локално претставничко тело. Нема колективно извршно тело, односно „ локална влада“!
За разлика од церемонијалните функции на претседателот на државата, градоначалникот има ефективна власт. Токму затоа, интересот за градоначалничката функција е голем, дури поголем од оној за пратеничката. Со легитимациска криза се оние пратеници или министри кои не биле избрани за градоначалници, па, по неуспешниот обид, се враќаат назад, како ништо да не се случило, а на оставка и не помислуваат!
Сметам дека собирањето на куп на вкупниот број освоени гласови за градоначалници и советници, НЕ ДРЖИ. Всушност, затоа гласаме на различни ливчиња за првите и другите, затоа, ДИК, ОДВОЕНО ги соопштува резултатите за нив.
Уште повеќе, неодржливо е да се собираат гласовите на партиите кои на локални избори не коалицирале, туку се натпреварувале сами, иако се коалициони партнери на централно ниво. Проблематично е да ги собирате гласовите на коалиционите партнери на централно ниво кога на локалните избори настапувале едни против други, односно настапиле со свои кандидати. Само збирот на гласовите на локалните коалиции се валидни за споредба на успехот/неуспехот!
Кога се прават споредби меѓу парламентарните и локалните избори, не смее да се заборави различниот процент на излезност.
Во прашање е неодржлива политичка математика, која за жал, е најкреативната „дисциплина“ кај нас”, смета Силјановска Давкова.