Пратеничката професор Гордана Силјановска Давкова ги коментира последните случувања во партијата од Мала Речица преку краток текст насловен како ,,Внатрепартиската демократија во ДУИ низ Бујарова призма!”.

Професорката дешифрира дека според принципите на владеачката партија зборот демократија што вообичаено се користи во светот има сосема поинакво значење од демократијата во ДУИ.


,,Според изјавите на министерот Османи, во ДУИ има ГОЛЕМО НИВО на демократија, но ПОСЛЕДНИОТ ЗБОР го има лидерот Али Ахмети.
Значи, демократија е она што ЛИДЕРОТ ќе го каже, Груби ќе го прераскаже, Бујар ќе го брани, а сите ЧЛЕНОВИ ќе го почитуваат и спроведуваат!

Г-динот Османи, веста за неговата евентуална смена, што проструи по отвореното писмо на група членови на ДУИ, ја оквалификува како лажна, оти, веројатно, г-динот Груби му ја пренел точната вест дека лидерот на ДУИ, како НЕПРИКОСНОВЕН демократ, НЕМА ДА ГИ СМЕНИ!

Што е заедничко за ДУИ, демократијата и деспотијата? Почетната буква „Д“!”, пишува Силјановска која сугерира да се направи споредба на Бујаровата (ПРОЕВ)РОПСКА перцепција со ЕВРОПСКАТА на зелените партии кон кои ДУИ РЕТОРИЧКИ „ЦЕЛИ“ и ќе видите зошто не се со НИВ.

,,Впрочем, европратениците од редот на Зелените, гости на партијата ДОМ, во средбата со пратениците на македонското собрание, жестоко го критикуваа односот на ЕУ кон македонската евроинтеграција, за разлика од ДУИ, односно Ахмети, Груби и Османи, кои ги глорифицираат Францускиот предлог и Преговарачката рамка, иако излегуваат надвор од Копенхагенските критериуми, како единствен modus vivendi на ЕУ”, ја објавува својата анализа професорката.

Според неа партиската ИДЕОЛОГИЈА не се докажува со зелени маици и звучни еко повици, туку со ЗЕЛЕНА ФИЛОЗОФИЈА И АГЕНДА, а внатрепартиската демократија се гради и одржува со бројни и силни спреги и кочници меѓу партиските органи и структури низ делиберативен и транспарентен процес на одлучување со НЕИЗВЕСЕН РЕЗУЛТАТ.

,,За жал, г-динот Османи не прави разлика меѓу АВТОРИТЕТОТ на г-динот Ахмети и НЕОГРАНИЧЕНАТА МОЌ на одлучување!
Јас пак, сметам дека ЛИДЕРИТЕ на партиите треба да се опкружат со КРИТИЧАРИ, наместо со ОБОЖАВАТЕЛИ- ТАРТИФОВЦИ ако сакаат да ОДАТ НАПРЕД!”, вели Силјановска за состојбата во ДУИ.