„Никој од надвор не може да им кажува на граѓаните на Унгарија како треба да живеат, така што не нè интересира што мисли некој странски државјанин за внатрешните политички процеси во Унгарија, дури и да е амбасадор.“ – порача министерот за надворешни работи на таа земја Петер Сијарто, реагирајќи на изјавата на американскиот амбасадор Дејвид Пресман. Ова го објави денес „Хунгари тодеј“ во својата статија со наслов „Министерот за надворешни работи на Унгарија бара американскиот амбасадор да покаже повеќе респект“.

Сијарто предупреди дека е завршена ерата кога странските претставници можеле да им кажуваат на Унгарците како да живеат.

Пресман, кој се наоѓа во Унгарија од септември минатата година, порано изјави за „Политико“ дека Унгарија продолжува со политиката на поддржување на рускиот претседател Владимир Путин, коментирајќи го негативниот став на унгарските власти кон антируските санкции.

„Бараме повеќе почитување за Унгарците, дури и од амбасадорите. Не е нивна работа да се мешаат во внатрешните работи на Унгарија.“ – порача Сијарто. Тој додаде дека на Пресман ќе му биде исклучително тешко да ги одржува врските меѓу двете земји, ако својот престој во Унгарија го користи за оценување на активностите на Владата, која народот ја избрал со „значително јасно мнозинство“.

Шефот на унгарската дипломатија посочи дека очекува странските амбасадори да се однесуваат прикладно и да работат на однесувањето на билатералните односи, како и дека е завршена ерата кога странските претставници можеле да им кажуваат на Унгарците како да живеат.

Министерот Сијарто му имаше упатено на 1 август 2022 година директна порака на Пресман, уште кога овој се наоѓаше во фаза на сослушување во Сенатот на САД, пред да биде именуван како американски амбасадор: „Новиот американски амбасадор не би требало да доаѓа овде како гувернер на провинција“.

По овој став на унгарскиот министер за надворешни работи останува дилемата: каков би требало да биде ставот на македонскиот министер за надворешни работи и на Владата на Македонија во однос на ставот на американскиот амбасадор Ангела Агелер, на евроамбасадорот Ричард Гир и дузина други странски дипломати во Скопје, кои најдиректно бараат дури промена на македонскиот Устав? Што да се каже за ваквото мешање во внатрешните работи на Македонија?

А што да се каже за директната политичко-идентитетска агресија на Бугарија кон Македонија, која што дури предложува да испратела и свои полицајци, ако затребало, да ја обезбедуваат групата Бугари, кои ќе дојдат утре на одбележувањето на 151-вата година од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев?

Подготвил: м-р Свето Тоевски