Што претходело на крвавата пресметка во Мала Речица?

Партиски извори брифираат дека на вчерашната вооружена пресметка во Мала Речица претходела повеќенеделна расправија меѓу двете спротивставени крила на кумановскиот огранок на ДУИ.

Пред неколку дена во Куманово бил направен обид да биде избрано ново раководство на партијата во Градот, но гласање немало поради тоа што на состанокот имало напната атмосфера на работ на физичка пресметка.

Откако двете ривалски групи не успеале да најдат решение по препорака на повозрасни членови на партијата, било предложено гласањето да се одржи во седиштето на партијата во Мала Речица.

Тоа се случило вчера пред претседателот Али Ахмети, при што една од групите на гласањето добила 36 гласа, а групата што ја поддржувал убиениот Неип Реџепи само 6.

По гласањето раководството на ДУИ на двете групи им порачало дека резултатите се конечни и дека во демократија мора да се почитува резултатот од гласањето.

Сугестиите од Ахмети биле во правец на смирување на страстите во интерес на партиските интереси, затоа што “претстоеле важни активности кои барале хомогеност на целото партиско тело”.

По гласањето двете групи го напуштиле седиштето на партијата, по што дошло до вербална, а потоа и вооружена пресметка.

Резултатот е еден мртов и неколку повредени членови на ДУИ.