Или целосен закуп на топланатa или ЕСМ да набавува гас за потребните на Скопје Север, а претpијатието со имотот да гарантира дека ќе го врати долгот. Ова се двете опции кои Владата и ги нуди на оваа топлана за да може да добие помош оваа грејна сезона. Претпријатието поради немање на финансии од вчера за загревање го користи и мазутот. Од властите пак велат ако менаџментот на Север се одлучи за било која варијанта веднаш ќе се отвори простор за да им се помогне, но тврдат одговор од таму за ова нема.
Првиот човек на топланата Скопје Север Рамадани вели дека во ред е да има закуп, но мора да се најде решение што ќе се прави и со вработените во претпријатието.
Рамадани тврди и дека до петок компанијата ќе ги направи и сите мерења на штени честички од согорувањето на мазутот.
Познавачите пак велат дека освен што загадува, мазутот и полошо согорува во топланите, и загубите во пари се многу поголеми. Сметаат дека се додека има гас тој треба да се користи.
Топлатата Скопје Север од вчера работи комбинирано и на гас и на мазут, затоа што нема доволно финансии за да обезбеди гас, за до крајот на сезоната. Количините на мазут се користат од резервите на претпријатието. За овој потег од Скопје Север тврдат дека имаат еколошка дозвола издадена од Град Скопје која ги обврзува да прават и мерења, и да не ги преминат границите на емисиите во воздухот кои се пропишани во дозволата, но и да достават спецификација за квалитетот и количините од горивото.
Според дозволата претпријатието кога ќе премине на алтернативно гориво мора да го извести и Градот. Но од таму нема одговор дали Север го направиле тоа пред да почнат да го користат мазутот. Од Министерството за животна средина, иако во овој случај не се надлежни велат дека ќе ќе разгледаат врз основа на што е издадена дозволата. Преговорите за помошта меѓу раководството на Скопје Север и Владата, односно ЕСМ траат повеќе од еден месец.