Жестоки критики од хонорарците по најавените даночни измени со кои ќе треба да плаќаат и придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Велат дека владата сака да го полни буџетот со пари од оние кои едвај врзуваат крај со крај, други потсетуваат дека и владата на Никола Груевски во 2015 година се обиде да воведе слично решение, но по протестите се откажа. Прашуваат зошто ако тогаш не било добро решение, сега би било, а трети посочуваат на бројни нејаснотии и прашуваат што ќе добијат тие од државата за тие пари што ќе им ги земе.
Актерката Даниела Иваноска од Прилепскиот театар вели дека воведувањето придонеси за хонорарците е лоша идеја и потсетува дека во 2015 година и владата на Никола Груевски имаше сличен обид, но под притисок на јавноста и по протестите на хонорарците, тој предлог беше повлечен.
„Не ја гледам поентата зошто повторно се пука со нешто што нема да се покаже добро за творците, за уметниците“, вели таа.
Издавачот Никола Гелевски вели дека плаќањето на илјадници чиновници кои не работат ништо паѓаат на грбот на оние кои едвај врзуваат крај со крај.
„Клучно е државната каса да се полни со даноци од најбогатите луѓе. Тој товар не треба да паѓа врз слабите, сиромашните, врз тие кои едвај врзуваат крај со крај, а голем дел од хонорарците се такви. Скандалозно е тоа, просто. Сево ова делува како привремено решение, палијативно. Краткорочни мерки во голема нужда, бидејќи зимава ќе биде тешка за сите. Не делува како системско, долгорочно решение, а пред сè не делува како праведно и фер решение“, вели Гелевски.
Линк до целиот текст на РСЕ.МК.