Што да правам, да ги тепам ли? – првиот човек на македонскиот бизнис во конфликт со власта на СДСМ и ДУИ

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески која ги обединува најголемите и најмоќни македонски фирми ја прозива владата за уништениот приватен бизнис и за партизација.

Азески смета дека во ЕУ се оди со јасна цел, со кадар и со пари, а не како што мислат од владата, со срозен приватен сектор, партиски кадри и моментални партиски интереси.

„Цело време работиме на противење на воведување на нови давачки кои што нè имаат срозено и срамнето со земја и истиот тој ти вели како политичка елита: ‘Ајде дигни се, сега ќе се приклучиме кон Европска унија и ќе одиме’. Со што? Во Европска унија се оди со јасна цел, со кадар и со пари. Тој ти врши секој ден зафаќања во џебот, на приватниот сектор, тој сака да оди со партиски кадри во Брисел и тој оди со цел која што може да се менува спрема моменталните интереси на партиите“, изјави Азески ,,Бизнис платформата ЕУ-Западен Балкан”, одржана во Скопје.

Со најновата владина мерка во која ќе настрада приватниот успешен бизнис, данокот која владата го нарекува данок за солидарност, ќе настрадаат околу 200 компании кои оствариле приход над 10 милиони евра.

Азески е лут што владата планира да собере со оваа мерка дури 80 милиони евра за која законските измени веќе се во собраниска процедура.

Според првиот човек на македонскиот приватен бизнис владата не презема ништо конкретно за да се смени состојбата.

„Јас сега што да правам, ако одам 10 пати во Владата и 10 пати зборувам исто и 10 пати во јавноста излегувам и зборувам исто, а тие не сакаат да одговорат на тоа, него велат добро, ок, и ништо не прават. Што да правам, да ги тепам? Значи, дајте да постигнеме консензус сите, Балканот е исти. Ќе потпишеме некој документ, не е битно како ќе се вика, кој што ќе нè обврзува во наредните 10 години да престанеме со истории, географии и не знам што. Балканот е супер простор, ама дај да си го направиме начинот на живот поинаков“, вели Азески.