Шри Ланка да не ви се деси – Пишува Роберт Димитриевски

Не, не. Не станува збор за никаква асоцијација за насилно уривање на власта. Скраја било. Впрочем, Македонецот го чува кубурот „за не дај боже“, нели? А според ладнокрвното прифаќање на секојдневното пиши-бриши со цените, очигледно, „не е дошја нож до коску“, што би рекле кумановци. Така што, власта слободно може да кулира „до даљњег“.

Насловот е само обратна парафраза на „славното“ дофрлување од активистка на т.н. Шарена револуција до полицијата кога ја гаѓаа со бекатон-плочки и со контејнери додека пред Владата го уриваа „режимот“. „Шаренава“ тогаш им порача на органите на редот „Куманово да ви се деси“, мислејќи на акцијата во Диво Насеље, кога во судирот со терористичката група од Косово загинаа осуммина македонски полицајци.

А Шри Ланка во приказнава е спомената во контекст на масовните и насилни протести за економската и енергетска криза и за ценовното стампедо во азиската островска држава. И без тоа сиромашните граѓани на некогашен Цејлон го кренаа гласот против немоќта на власта да го амортизира цунамито од поскапувања, пред сè, на основните прехранбени производи.

Ништо поразлично не е ни тука денеска, откако Владата ги укина антикризните мерки од март, па божем замрзнатите цени се вивнаа до небо. И овде народот се крена на нозе. Па, синоќа ги окупира бензинските станици и маркетите за уште по некое „литро“ масло за јадење, брашно, млеко, јајца по стара цена. И толку се беше внел во битката за голо преживување, што „не најде време“ за да го истури бесот „таму кај што треба“.

И добро стори, оти како ќе им објаснеше потоа на Таче, Бујар и компанија зошто токму сега го издало трпението, кога, нели, само што не паднало бугарското вето благодарејќи на м’сје Емануел? Мерси боку за прашањето, тоа е господинот што пред две години крена рачна за Македонија и за Албанија, предлагајќи реверзибилен процес на преговори со Европската унија, кој, практично, ветува членство Господ знае кога. А можеби ни тогаш…

И додека трае замајувањето со вечното „лижавче“ наречено евроинтеграција, најнеспособната егзекутива на планетата не само што мува не ја лази поради празната државна каса, туку не се притресува ни од можниот револт на своите поданици. Мазно помина дури и промената на името, па ќе помине и ова, си велат. Секое чудо за три дена.

По 68. пат ќе го притворат Миле Јанакиески. Тала(н)т за промена може да ги опцуе чистачките во Собрание. А Славјанка да се слика со нов контингент ѕиври за „Армијата на Нашата Земја“. По НАТО-стандарди.

И кој уште ќе се сеќава дека цените на горивото и на храната отишле по ѓаволите?

Далеку е Македонија од Шри Ланка. Затоа и не може да ѝ се деси…