Вишиот советник на американскиот Стејт департмент Дерек Шоле на 11 јануари ќе ги посети Скопје и Приштина, а ден подоцна и Белград, во рамки на посетата чија цел е да ја нагласи трајната посветеност на Соединетите Американски Држави (САД) на мирот, стабилноста и просперитетот на Западниот Балкан, соопшти Стејт департментот.

Според најавата од Вашингтон Шоле нема да има средба со претставници на ВМРО-ДПМНЕ, БЕСА или Левица а во Македонија ќе разговара за темата корупција за која нема да разговара во Приштина или Белград

Со македонските власти во Скопје, Шоле ќе се разговара за низа прашања, меѓу кои енергијата, економијата и борбата против корупцијата.

За време на посетата на Приштина, со претставниците на Косовската влада, но и со другите политички лидери и со граѓанското општество ќе разговара за „напорите на САД да помогнат во унапредување на евроатлантските интеграции на Косово“, како и за дијалогот кој го води Европската унија (ЕУ) за постигнување сеопфатен договор за нормализација на односите Белград – Приштина, „фокусиран на меѓусебно признавање“.

Дерек Шоле во Белград ќе разговара за енергетската сигурност, регионалната економска интеграција и напредокот кон целта на Србија во поглед на пристапувањето кон ЕУ.

Во соопштението се додава дека Шоле ќе разговара за улогата на Србија за зајакнување на регионалниот мир и сигурност и нејзиниот континуиран ангажман во дијалогот со Приштина.

Посетата на Шоле на регионот ќе трае од 11 до 13 јануари.

Пред еден месец Шоле требаше да пристигне во Македонија откако амбасадорката на САД Агелер најави битка со корупцијата која најчесто ја прави власта.

Тогаш посетата беше одложена поради Ковид инфекција.