Германија е подготвена за водечка воена улога во Европа за да ја обезбеди безбедноста на континентот, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц, пренесуваат агенции
Говорејќи на воената конференција во Берлин, Шолц рече дека инвазијата на Москва на Украина е пресвртница во европската историја, истакнувајќи дека се наметнува важноста на вооружените сили на Германија во новата ситуација.
Тој рече дека рускиот претседател Владимир Путин се обидува да ги прекрои границите со цел Русија уште еднаш да стане „империјална сила“ во Европа.
„НАТО останува одговорен за колективната одбрана на целата алијанса со фокус на Европа. Но, смета Шолц, “ние, Европејците, сепак мора да преземеме значително поголема одговорност во НАТО.
Тој посочи дека Германија е најнаселената земја во ЕУ и најголемата економија и рече дека германските вооружени сили (Бундесверот) треба да станат „најдобро опремената“ армија во Европа.
Тој рече дека со оглед на ситуацијата, германската воена сила мора да стане најдобро опремена во Европа. „Убедливо јасно кажуваме: Германија е подготвена да преземе водечка одговорност за безбедноста на нашиот континент“, рече тој.
„Оваа цел не треба да се гледа како закана од нашите европски пријатели и партнери, напротив, таа е гаранција“, нагласи тој.
Лево-либералната коалициска влада на канцеларот Шолц одлучи значително да ги зголеми трошоците за одбрана и веќе одобри посебен фонд од 100 милијарди евра за модернизација на вооружените сили на земјата.
