„Во болниците во земјата операциите се вршат со стари и ‘рѓосани инструменти веќе 10 години! Ако почнеме сега да вршиме инспекциски надѕор во сите овие болници, половината од болниците во Македонија не ги исполнуваат условите да бидат болници. Тие треба да се затворат!“ – оваа шокантна изјава ја даде министерот за здравство Фатмир Меџити вечерва во емисијата „Клан дебата“ на ТВ Клан Македонија.
Меџити изнесе дека оваа проблематика ја покренал и во Владата и оти презел веднаш моментни мерки, но има доцнења поради процедурите.
„Болницата во Кичево не личи ни на штала, а камоли на болница. Населението во Кичево не ги заслужува тие услови.“ – нагласи Фатмир Меџити во „Клан дебата“ на ТВ Клан Македонија, искажувајќи ја својата загриженост за оваа болница. Како што напомна тој, Министерството за здравство има информации дека болницата во Кичево се гради веќе 33 години и се уште не е завршена. Тој нагласи дека побарал помош од колегите во Владата, за да се соберат пари болницата да се заврши во рок од една година.
Министерот за здравство Меџити изнесе алармантни бројки за заминувањето на лекарите од државните болници во странство. „До април годинава од Македонија во европските земји заминале 75 лекари, а илјада лекари само во 2022 година. Во последните 10 години околу 3 илјади лекари заминале во западните земји и во приватното здравство.“ – дополни Меџити во „Клан дебата“.