Шишковски: За мене, добар резултат против Австрија е – победа

Голманот на фудбалската репрезентација на Македонија, Дамјан Шишковски, пред дебито на Европското првенство порачува дека за него добар резултат против Австрија в недела од 18 часот на Националната арена во Букурешт ќе биде – победа.

„Австрија е силна репрезентација со корпулентни фудбалери. Негува германски фудбал, бидејќи најголем дел од репрезентативците играат во германската лига. Ќе бидат опасни по прекини и затоа ќе мораме да бидеме подготвени за силни дуели и да освоиме голем број од нив“, го „скенира“ противникот чуварот на мрежата на кипарска Докса.

„Атмосферата во нашиот тим е одлична и сите што ќе излезат на теренот в недела ќе го дадат максимумот, а за мене добар резултат ќе биде – победа. Овој меч е различен од квалификациските за Европското првенство, во кои два пати загубивме. Почнуваме од нула. Ќе излеземе на теренот со мотив да покажеме дека сме подобри од нив и се надевам дека ќе го имаме најсреќниот ден на репрезентацијата“, додаде Шишковски, кој има 6 настапи за македонскиот национален тим.

По Австрија, избраниците на селекторот Игор Ангеловски во групата Ц на 21 јуни ќе играат со Украина исто така во Букурешт, а на 25 јуни ќе му излезат на еден од соорганизаторите на ЕП, Холандија, во Амстердам.