Предизборно, градоначалникот на Скопје Шилегов се пофали со уште еден проект во најава.
Сосема друг лик ќе добие северниот влез во главниот град откако ќе биде изградена новата клучка кај булеварот Словенија, рече денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов, признавајќи дека сè уште не е избран изведувачот на проектот.

– Денеска започнува постапката за избор на најповолен понудувач за изградба на клучката кај булеварот Словенија, што е всушност продолжение на клучката кај Момин поток. Овде го решаваме тесното грло на поранешната Јадранска магистрала, сега булевар Хасан Приштина. Ова не значи само работа на клучката, ова значи дека почнуваме со градба на два нови булевара – едниот е булеварот Хасан Приштина низ индустриската зона Визбегово до обиколницата, а вториот е продолжението на булеварот Словенија којшто ќе оди до Волково и ќе се вклучува на обиколницата на западниот влез во градот. Вкупната инвестиција изнесува околу 550 милиони денари, а започнуваме со средства од ребалансот на Буџетот на Република Северна Македонија, обезбедени од страна на Владата, во износ од 2 милиона евра. Ова е инфраструктура која го решава најголемиот проблем во сообраќајот којшто во моментот постои во нашиот град, но создава и перспектива за понатамошен непречен развој на Скопје – рече Шилегов.