Шилегов не им одговорил на средношколците, Арсовска се сложува да се најде решение

Сојузот на средношколци засега добила само еден позитивен одговор од кандидатите за градоначалник на Скопје за својот предлог
во врска со проблемите на оваа категорија граѓани.

За разлика од Петре Шилегов кој воопшто не одговорил Данела Арсовска дека е подготвена да се најде решение за проблемите вклучитело и за градскиот превоз.

Целото соопштение интегрално:

Сојузот на средношколци започна јавен дијалог со кандидатите за градоначалник поврзан со проблемите со кои се соочуваат средношколците, а се во надлежност на градската управа. Како клучен го издвоивме проблемот на инфраструктурата и јавниот превоз.

Со таа цел на 26 октомври 2021 година го објавивме Меморандумот за праведен јавен превоз, кој предвидува елиминирање на сите форми на дискриминација при доделување на правото на бесплатен јавен превоз за средношколците и проширување на опсегот на бесплатниот превоз од 9 на 12 месеци. Средношколците се образуваат 365 дена во годината без разлика во какво училиште учат. Нашиот предлог е секој средношколец да добие годишна автобуска картичка. Истиот ден Меморандумот го испративме до кандидатите: Данела Арсовска и Петре Шилегов.

Овие три дена Сојузот беше во постојана комуникација со кандидатите преку сите можни начини – електронска пошта, телефонски повици, SMS пораки. Госпоѓата Арсовска на Меморандумот одговори со допис доставен на нашата електронска пошта, а добивме и телефонска потврда. Таа напиша дека „како иден градоначалник на Скопје“ се обврзува дека заедно со нас ќе работи „на изнаоѓање на решенија со цел што побрзо решавање на клучните проблеми за кои се залагате вие како Сојуз, вклучувајќи го и бесплатниот превоз за сите средношколци“.

Искрено се надеваме дека ќе следи одговор и од вториот кандидат – господинот Шилегов пред почетокот на изборниот молк бидејќи досега одговор од негова страна немаме добиено.

Иако мнозинството од средношколците го немаат правото на глас, тоа не значи дека проблемите на средношколците треба да бидат игнорирани. Сојузот смета дека нашите предлози по прашањето на јавниот превоз се разумни, издржани и прифатливи, та затоа треба да се издигнат над дневнополитичките случувања и да се сфатат сериозно.

Имајќи предвид дека управувањето со средните училишта е во надлежност на Градот Скопје, Сојузот и во иднина ќе продолжи да контактира и соработува со оваа институција.

Напоменуваме дека Сојузот на средношколци не застанува зад ниту еден кандитат, туку нашата единствена цел е решавање на проблемите на средношколците. Од понеделник продолжуваме со соработката со идниот градоначалник на Скопје за воведување на праведен јавен превоз.