Историскиот триумф на фудбалската репрезентација на Македонија од 1:0 во Палермо против европскиот шампион Италија во полуфиналето од баражот за Светското првенство во Катар му послужи на тренерот на Шибеник, Дејан Рачуница, како инспирација пред гостувањето кај Хајдук во Хрватската лига (ХНЛ).

„Од наша страна гледано, доаѓаме во Сплит во најдобар момент. Хајдук е апсолутен фаворит. Сè освен победа на Хајдук би било рамно на победата на Македонија против Италија, огромно изненадување. Доаѓаш на ‘Пољуд’ во еуфорија. Те чекаат 15.000 луѓе. Играш во храмот на фудбалот. Сето тоа е најубавото што еден фудбалер може да го почувствува. Во тој амбиент мораш нешто да покажеш, да дадеш, за да му ја отежниш работата на Хајдук. Не сакам да ги симнеме гаќите, туку Хајдук да остави ‘јајца до подот’“, изјави Рачуница за „Далматински портал“ пред „битката за Далмација“ в сабота од 19:05 часот меѓу четвртопласираниот Хајдук и осмопласираниот Шибеник во лигата со 10 екипи.