Борусија Дортмунд, Манчестер Сити, Рома, Бенфика, Атлетико Мадрид и Спартак Москва се европските фудбалски гиганти заинтересирани за 18-годишниот македонски талент Елиф Елмас по неговото деби во Лига на Европа за Фенербахче синоќа, тврди турски „ТРТСпор“.

И покрај убедливиот пораз од 4:1 против Динамо Загреб на „Максимир“, скаути на наведените клубови ги наполниле тефтерите со впечатоци за настапот на играчот за врска во дресот со бројот 99, кој беше стартер и го одигра целиот натпревар.

Под водство на новиот тренер Филип Коку, Елмас игра сè подобро, минатиот месец настапи и во двата меча против Бенфика во квалификациите за Лига на шампиони, а во турската Супер лига во неделата го постигна победничкиот гол против Коњаспор.

Иако турскиот селектор Фатих Терим се обидуваше да го убеди да игра за Турција, тој ја избра својата родна земја Македонија, за која досега има пет настапи за сениорската репрезентација. Беше дел од националниот тим до 21 година на Европското првенство во Полска минатата година.