Шефот на Шел: Гас нема да има со години

Директорот на нафтениот џин Шел, Бен ван Берден, предупредува дека Европа би можела да биде соочена со ограничен пристап до енергенси и подолго од само една зима.

Како што пишува Ројтерс, шефот на најголемата европска нафтена компанија смета дека кризата би можела да потрае неколку години, откако цените на гасот минатата недела скокнаа на рекордно ниво во екот на дополнителни намалувања на руските испораки, што е сигнал дека целиот континент би можел да заглави во длабока рецесија.

„Кризата ќе ја тестира солидарноста на државите членки на Европската Унија, имајќи предвид дека секоја поединечна влада ќе биде присилена да одлучува за начинот на кој ќе обезбеди продолжување на работата на клучните индустриски сектори. Притисоците за снабдување за енергенси веројатно нема да бидат ограничени на само една зима“, кажа Ван Берден.

„Сосема е можно пред нас да се неколку зими во текот на кои ќе мора да наоѓаме решенија преку заштеди, редукции и многу брзо наоѓање алтернативи. Дека периодот пред нас ќе биде на некој начин лесен или дека сè брзо ќе заврши, мислам дека тоа е фантазија која треба да ја заборавиме“, заклучи првиот човек на Шел.