Шефот на МАНУ: Лажеа дека нема да ги продаваат државотворноста, идентитетот и јазикот

Наивно верувавме дека нема да дојде до најлошото во врска со идентитет пишува академик Љупчо Коцарев во својата најнова колумна.

“Како да се најдат правиот пат и спас? Повторно, одговорот е прост и строг: помирување меѓу Македонците. Предлагам консензус по сите овие прашања: (1) македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат словенски, не бугарски карактер; (2) промена на изборниот модел (една изборна единица) и промена на моделот на формирање на извршната власт (консензуален или пропорционален модел на извршната власт) и (3) приспособување и имплементирање на европските вредности, но без инсистирање, по секоја цена, на полноправно членство во ЕУ”.

Ова, меѓу другото, го пишува академик Љупчо Коцарев во текст за денешното издание на „Нова Македонија“, што го пренесуваме во целост.

Денешниов текст ќе го почнам со зборовите на Цибра во „Тетовирани души“: „Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност“. Каква е сегашноста? Егзистенцијалното прашање во насловот на овој текст би можело да биде поднаслов на многу мои текстови објавени во „Нова Македонија“. Во однос на малку изменетото прашање, имено во однос на прашањето дали има живот по смртта, теистите веруваат дека постои задгробен живот, атеистите дека не постои, додека за агностиците постоењето на живот по смртта не може да се провери, па затоа останува непознаница. Различните сфаќања за верувањата во задгробен живот, живот по смртта, се внесени во светите книги, како Библијата, Куранот, Талмудот и Ведите, на пример, според кои статусот на одредена личност во задгробниот живот е награда или казна за животот што го живеела.

Меѓутоа, денес, мене лично, а верувам и најголем дел од вас, многу повеќе ме интересира прашањето: Дали има живот пред смртта?

Поточно, дали во Македонија има живот пред смртта? Тоа е клучното прашање во врска со коешто би сакал да ги споделам моите видувања, ставови и стравови. Одговорот на ова егзистенцијално прашање почива на трите документи: Бугарскиот договор (2017), Преспанската спогодба (2018) и промената на Уставот (2019), за кои многу експерти тврдат дека се нелегални, од една страна, и на алчноста и сервилноста на нашите политичари, од друга страна, што, за жал, се доказ дека „Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино“ („Диво месо“).

Благодарение на нив, пред очите на народот, во добро спакуван целофан, се продаде светото, нашето сѐ, вековно негуваните и чувани македонска државотворност, македонски идентитет и македонски јазик. Па, така, за Бугарија, македонскиот јазик е „македонска литературна норма“, а за нашите стратегиски сојузници „северномакедонски јазик“. Под идентитет, тука подразбирам: „именскиот и колективниот идентитет, културниот идентитет (јазик, литература, музика, уметност, фолклор), религиозниот идентитет, етничкиот и национален идентитет, кои ја чинат посебната – македонската историска содржина“ (Наташа Котлар Трајкова).

Тука, пред сѐ, би сакал да забележам дека и покрај континуираното уверување дека државотворноста, идентитетот и јазикот се одбранети, времето покажа дека тие се продадени, бидејќи, всушност, се најевтини за продавање. Од книгите знаевме дека „Трговците и производителите ниту се ниту треба да бидат владетели на човештвото“ (Адам Смит, 1776 година), но, сепак, наивно, се надевавме дека нема да дојде најстрашното. За жал, настаните сведочат дека тоа не е само празна теоретска мисла, туку правило без исклучок, особено под нашево поднебје во ова денешно време/невреме.