Извршниот директор на „Фајзер“ Алберт Бурла, прогнозира дека најверојатното сценарио е коронавирусот да циркулира уште многу години, но сегашниот бран можеби е последниот што бара рестриктивни мерки.
За францускиот телевизиски канал BFM TV, Бурла ја истакна ефикасноста и безбедноста на вакцините, велејќи дека на луѓето ќе им требаат дополнителни дози.
„Важно е луѓето да добијат три дози од вакцината против коронавирус на „Фајзер“ и веројатно ќе им требаат годишни бустер дози после тоа, иако на луѓето со имунолошки проблеми можеби ќе им требаат на секои четири месеци“, рече Бурла.
Тој повика „децата треба да се вакцинираат за да се заштитат. Ефективноста на вакцината кај децата е многу, многу, многу добра“.
Тој соопшти дека фармацевтскиот гигант „Фајзер“ ќе инвестира 520 милиони евра во Франција во следните пет години, а дел од средствата ќе одат за развој на друг третман за коронавирус во партнерство со француската компанија „Новасеп“.
