Во моментов ништо не и се заканува на Молдавија, но властите продолжуваат внимателно да го следат развојот на руско-украинската војна, изјави претседателката на Молдавија, Маја Санду, која одржа заедничка прес-конференција со претседателот на Литванија Гитанас Науседа, кој допатува во официјална посета на Кишињев, пренесува Newsmaker.
ЕУ загрижена за судбината на Молдавија
„Разговарав за ситуацијата во Молдавија со претседателот Науседа. Внимателно го следиме развојот на настаните и правиме се што можеме за да спречиме дестабилизација на ситуацијата во нашата земја. Исто така, во постојан контакт сме со нашите надворешни партнери и пријатели“, рече Санду.
Претседателката на поранешната советска република, (која го има регионот Придњестровје со мнозинско руско население) истакна дека приоритет на Владата е зачувување на мирот.
„Нашите анализи и анализите на нашите партнери покажуваат дека денес ништо не и се заканува на Молдавија. Приоритет на властите е да го зачуваат мирот, животот и безбедноста на граѓаните“, рече Санду.
На 4 мај, Министерството за одбрана на земјата објави дека не гледа директна закана за Украина од Придњестровје, но внимателно ја следи ситуацијата во непризнатата република.
Според Главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана на Молдавија, Русија намерно ги ескалирала тензиите во Придњестровје со цел психолошки да ја нападне Украина и да ги растера силите на украинската армија.