Министерката за надворешни работи на Сојузна Република Германија Аналена Бербок денеска ќе престојува во официјална посета на Македонија на покана на нејзиниот колега, министерот Бујар Османи.

По повод посетата, зградата на Министерството за надворешни работи синоќа беше осветлена со боите на германското знаме.

Ова е прва посета на земјава, а Бербок ќе биде примена и од претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски и ќе има средба и со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.

Предвидена е средба собраниската Комисија за надворешна политика, како и со претставници на опозициските партии. about:blank

Според агендата, по пристигнувањето, Бербок и Османи ќе одржат тет-а-тет средба, потоа ќе следува средба на двете делегации, а двајцата министри ќе одржат и заедничка прес – конференција.

Разговорите меѓу двајцата министри, како што се најавува, ќе се сосредоточат на пристапниот процес на државата во ЕУ, меѓу другото и на претстојните уставни измени, како наша преземена обврска за продолжување на процесот на преговори со Унијата.

„Посетата на германската министерка Бербок се толкува како јасен сигнал на Сојузна Република Германија за интересот на германската надворешна политика во насока на целокупна поддршка на нашата земја и нашиот евроинтегративен процес, особено во годината во која прославуваме значаен јубилеј – 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи со пријателска Германија“, наведе МНР во најавата за посетата.

Германското МНР соопшти дека главниот фокус во разговорите ќе биде пристапувањето на земјата во ЕУ, а особено потребата за уставни измени како неопходен чекор кон Унијата.