Шефицата на бугарската дипломатија доаѓала во Македонија со сопствено обезбедување!

При своите посети на Македонија, министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, доаѓала со свое обезбедување по барање од бугарските служби, откри Димитар Грдев, меѓународен секретар на партијата Има таков народ на Слави Трифонов.

„Во која друга држава нашиот министер за надворешни работи оди со сопствено обезбедување? Каде има такво нешто?“, праша Грдев, кој е и шеф на Комисијата за надворешна политика на Народното собрание на Бугарија, во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ).

Ваквата мерка била преземена поради тоа што „во текот на последнава година билатералните односи меѓу Бугарија и РСМ наместо да се подобруваат нагло се влошија“, за што Грдев ги посочи изјавите на претседателот Стево Пендаровски и на други политичари, како и на политичка партија со најава за раскинување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.