“Еден од најважните корени на сите национални несреќи и катастрофи, што му се случуваа на бугарскиот народ во последните десетлетија, лежи во великобугарскиот шовинизам, бугарската идеологија и политика на Балканот и владеењето над соседните народи.“– говор на македонскиот револуционер Павел Шатев одржан на 8 декември 1944 година во кино-салата “Славјанска беседа“ во Софија.

Павел Шатев, (15 јули 1882 – 30 јануари 1951 година) легендарниот гемиџија, македонскиот национален деец, државник во првата македонска влада, е еден од најистакнатите македонски револуционери и политичари. Неговата револуционерна дејност е неделиво вткаена во најсудбоносните собитија на македонското национално ослободително движење како непосреден учесник и активен сведок речиси на сите етапи на македонското револуционерно минато.

Но, и покрај неговата кристално јасна определеност како Македонец-патриот и револуционер, кој се бори за слобода на македонскиот народ не само од турското ропство, туку и против великобугарскиот шовинизам, сепак, налудничавите бугарски „научници“ и политичари, како и сето друго македонско, така и Павел Шатев и во оваа 72-ра годишнина од неговата смрт, го прогласуваат како „македонски Бугарин“. Дури и статија со ваква содржина е објавена на „Википедија“!

Во 1899 година Павел Шатев станал член на Македонската револуционерна организација и член на револуционерно-терористичкиот кружок на младите ученици од Велес, наречени „Гемиџии“. Во 1903 година во солунските атентати извршил диверзија на францускиот патнички брод „Гвадалкивир“, за што бил осуден на доживотна робија и испратен во затворот во градот Мурзук, во областа Фезан, Либија. По Младотурската револуција во 1908 година Шатев бил амнестиран.


Во 1925 година Шатев јасно и недвосмислено истакнува: „Македонското дело е национално, се развива самостојно, оди кон својата национално-политичка и економска независност, кон своето издвојување во одделна национално-поличка единица, кон своето државно единство…“ („Македонско дело“, Виена, 25 октомври 1925). Во 1926 година уште порешително ги дообјаснил својата позиција и својот став: „Идеалот на Македонците е создавање една татковина, одделна македонска држава, со македонска нација, со своја историја и со свој самостоен политички и културен живот…“

„Јас сум Македонец и се занимавам со македонските работи“

Понатамошната своја револуционерна дејност тој ќе ја продолжи во раководните редови на ВМРО (Обединета). Учествувал во основањето на ВМРО (Обединета), каде што бил избран како заменик-член на Централниот комитет, но и како член на редакцијата и соработник во органот на ВМРО (Обединета), весникот „Македонско дело“ (1925-1933). Шатев ќе ја афирмира и ќе ја пропагира пропагира македонската национална индивидуалност и државна и политичка физиономија.

Во јуни 1931 година Павел Шатев се вратил во Софија и до почетокот на Втората светска војна ќе се придружи кон антифашистичкиот сили, пројавувајќи се како голем патриот и антифашистички борец. Притоа, тој постојано ќе биде следен, приведуван и сослушуван од полицијата, ставајќи го својот живот повторно на големи искушенија во бугарските затвори и логори.

Пред почетокот на војната Павел Шатев е потписник на апел – меморандум за решавање на македонското прашање: на 1 ноември 1938 година заедно со Туше Делииванов и Божин Проданов го објавиле апелот „Известување од македонската општественост до светската општествена јавност“, во кој, покрај другото, се барало: „Ставање крај на крајно неподносливата асимилаторска политика во Македонија, признавање на правата на Македонците да се третираат како самостојна народносна единица и обласно самоопределување на одделните делови на Македонија.“

На 10 октомври 1941 година Шатев бил уапсен од полициските власти во Софија под обвинение дека „работел во минатото за создавање на македонска комунистичка организација“ и дека бил „во конспиративна врска со чиновници од советската амбасада, од која што добивал инструкции за организирање и обединување на македонските Бугари-комунисти од новоослободените земји“. Во ноември истата година бил испратен во логорот Крстополе, кај Ксанти, а потоа во логорот „Гонда вода“ кај Асеновград.

На судењето во Софија во јуни 1942 година Шатев изјавил: “Јас сум Македонец и се занимавам со македонските работи, не сум комунист“. Со овој став легендарниот Македонец-гемиџија уште еднаш потврдил дека својот живот им го посветил во целост на Македонија и на македонското револуционерно и национално дело.

Во јули 1942 година бил осуден на 15 години затвор, бидејќи работел „по македонска линија“. Бил затворен во затворот во Хасково, а подоцна во Ќустендил. По капитулацијата на Бугарија Павел Шатев во септември 1944 година, заедно со уште 29 македонски револуционери и општественици, припадници на сите струи во македонското револуционерно движење, се јавува како прв потписник на „Апелот до Македонците во Бугарија“, за поддршка на македонската борба за слобода и за создавање македонска држава.

Гемиџијата Шатев не го сотреа ни Турците, ни Бугарите, туку македонските комунистички власти

Апелот имал цел да ги запознае Македонците во Бугарија дека во Македонија се создаде АСНОМ, кој се застапува за „целосно самоопределување на македонскиот народ“. Доаѓајќи со бригадата „Гоце Делчев“ во ослободена Македонија, Павел Шатев во октомври 1944 година бил кооптиран за член на АСНОМ, а во јануари 1945 година за член на Президиумот на АСНОМ. Во април 1945 година бил избран како член на првата влада на Федерална Македонија и за министер на правосудството. Во мај 1946 година бил избран за потпретседател на Президиумот на АСНОМ и за сојузен пратеник во Уставотворното собрание.

Сета своја љубов кон Македонија Шатев ја искажува и на седницата на уставотворното собрание во ноември 1946 година, велејќи: “Ние сме мал народ… но со гордост се кажуваме Македонци и сме веќе нација со своја територија, свој јазик, наше економско единство, наша македонска култура. Во минатото, во далечното минато и ние сме дале нешто крупно во историјата. Македонците се први од сите Јужни Словени што ја примиле цивилизацијата и создале своја писменост, која е лулка на писменоста, како на Бугарите, така и на Србите, на Русите, на Украинците и на други“.

Во 1948 година бил сменет од политичките функции. На 16 јуни 1949 година Павел Шатев бил уапсен и 11 месеци бил држен во истражен затвор во Скопје. Бил обвинет од раководството на македонската политичка и партиска власт како „потенцијален непријател“ за соработката со Советскиот Сојуз. Се разболел и умрел во затворската болница во Битола на 29 јануари 1951 година.

„Статија подготвена врз основа на предговорот на Зоран Тодоровски кон книгата „Борис Сарафов (биографија)“ на Павел Шатев, издадена од Државниот архив на Македонија и „Македоника Литера“, како и врз основа на други извори)