Шампионско селфи на македонските ракометни надежи во Рига

Селфи направено од тренерот Бранислав Ангеловски ја овековечи радоста на членовите на машката ракометна репрезентација на Македонија до 18 години по освојувањето на ЕХФ-шампионатот во Летонија со триумфот над Швајцарија од 24:22 во финалето во Рига.

„Црвено-жолтите“ славеа и на претходните четири натпревари на првенството, и тоа двоцифрено, прво со 34:19 над Турција, 39:16 против Косово и 33:23 во дуелот со домаќинот Летонија, а во полуфиналето беа подобри од Луксембург со 32:22.

Првото место им донесе не само пласман во А-дивизијата, туку и учество на Светското првенство 2023 до 19 години и на Европското првенство 2024 до 20 години.