Шаховската партија на Али Ахмети влегува во маестрална завршница

(…)

По агресијата врз територијалниот интегритет на државата (2001) која дојде од правецот на Косово, Македонија под надзор на меѓународната заедница го потпиша Охридскиот договор за да ги санира пукнатините кои ја загрозуваа нејзината  внатрешна безбедност и стабилност. Таа тоа го стори, но на другата страна се отвори нова, уште поголема пукнатина. Имено, од тој процес државата излезе онеспособена да делува како функционална демократија“ – пишува Панче Наумов политиколог во колумна за „Независен

Како главна причина за тоа секако се смета прифаќањето на принципот на консензуална демократија. Тој момент, всушност, придонесе Македонија да се откаже од унитарниот карактер и да биде форматирана како бинационална држава или во нешто што е многу блиску до тоа. За сметка на тоа, партиите на малцинските заедници, посебно на албанската, почнаа да остваруваат сѐ поголемо влијание врз политиката на владата, парламентот и другите државни институции и пресудно да влијаат врз виталните функции на државата. Нешто што е дијаметрално спротивно на природата на граѓанската држава. Така беше прегазена последната линија на политичка коректност, а етничките партии во тој моментум ја препознаа својата слобода  да бараат и, се разбира, да добиваат сѐ повеќе и повеќе водечки позиции во структурите на власта.

Како резултат на тоа во номенклатурата на власта денеска имаме непристојно нагласена малцинска доминација. Тоа, всушност, беше клучниот момент кога Македонија им кажа збогум на амбициите да стане граѓанска држава.

(…)

Понатаму, меѓунационалната хармонија, таа етничка избалансираност неопходна за секоја повеќенационална држава, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се определија да ја одржуваат  со механички пристап во моделирањето на политичките процеси. Тој пристап тие го разбраа како просто кадровирање на врвот, со задоволување на личните амбиции на членови на раководствата на ДУИ и на другите партии на етничките заедници. На пример,  давање согласност на бизарни кадровски решенија – командант на ОВК да биде министер за одбрана, тотален анонимус директор на НУБ, а водач на локална навивачка група да биде прв потпретседател на влада, човек во чија организација беше девастирана зградата на Македонскиот народен театар, институција која секаде во светот е национална светост и гордост.

Кога денеска Али Ахмети вели дека ДУИ ги остварила сите свои ветувања и дека сега наводно сака да се посвети на други цели поврзани со државата – треба да му се верува на збор. Всушност, во неговата изјава нема никаква иронија, тој не им се руга на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, или во крајна линија на македонската држава.

Само ни соопштува дека  неговата шаховска партија со ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ влегува во маестрална завршница“ 

Целата колумна на следниот ЛИНК