„Шта реќи, а не заплакати?“. Место да се скријат во глувчешка дупка по сè што направија, „шампионите“ во обезличувањето на македонската држава си зедоа слобода сребрениот олимписки медал на таеквондистот Дејан Георгиевски да ѝ го припишуваат на „Северна“?! „Бојко љубави“, обаче, ќе констатира дека успехот на „нашиот олимписки херој“ бил историски за „Северна Македонија“. Да не остане покус, другар му што се колнеше во својата македонска жица ќе додаде дека „нашиот олимпиец“ го донел првиот медал за истоимената им северна недојдија.

Од идентитетот „цименто“, за кој продолжуваат да ги лажат Македонците, најистурениве пулени на разградувањето и на раздавањето сè македонско стигнаа дотаму да не можат/не смеат да ја изговорат токму придавката, па користат еуфемизми од типот „нашиот“. „Одозгора на тога“, кој им дал право да се китат со туѓо перје? Каков придонес имаат тие за најголемиот спортски успех на независна Македонија? До вчера не ни знаеја дека постои Дејан, а камоли да се заинтересираат да не му треба нешто за да го прекине дведеценискиот македонски олимписки пост во поглед на медалите.

Среброто со златен сјај на 22-годишното златно момче од Бутел не може да го присвојува некаква си „Северна“. Прво и основно, тоa е заслуга, а со самото тоа и „сопственост“, на Георгиевски и на тимот околу него, а потоа ѝ припаѓа на Македонија исто толку колку и првиот олимписки медал на Могамед Ибрагимов – бронзата од Сиднеј 2000 во борење слободен стил. На мртвороденчето по игнорирањето на народната волја од референдумот за името тука не само што не му е место, туку само дополнително иритира и предизвикува нагон на повраќање. Впрочем, шалот со натпис „Македонија“ на англиски јазик во рацете на неговиот тренер доволно речито кажува за чија слава се бореше и се избори Деки во Токио.

Жално е кога во моменти на еуфорија, на опиеност на нацијата од исклучителниот спортски подвиг, веднаш ќе се налепат присвојувачи што сето тоа ќе го испоганат. Наместо да ги остават Македонците да се радуваат на планетарната промоција на Македонија, првенците на нивните сонародници само на хартија без око да им трепне ги (зло)употребија функциите за промовирање на нешто од кое на првите им се превртува стомакот.

Рацете настрана од олимпискиот вицепрвак! „Сребрениот“ Дејан Георгиевски со златни букви се запиша во историјата на Македонија и на македонскиот спорт, а не на „Северна“, исполнувајќи го своето ветување дека ќе освои олимписки медал. Тоа го можат само вистинските шампиони, а такви дала и ќе дава Македонија.

Најмалку што можат да направат Северџаните е да им се истават од патот и да им се поклонат, без уста да отворат. Бидејќи не им се ни до колена.