Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 приредија огромно изненадување во деветтото коло од македонската Супер лига, триумфирајќи во Битола со 27:26 над двократниот европски шампион Вардар!

Составот на Александар Јовиќ имаше предност и од пет гола, во завршницата гостите успеаја да израмнат, но со неколку подарени топки во нападот не само што ги „поништија“ двата одбранети седмерци од Мартин Томовски, туку му овозможија на противникот да слави.

Во нападот на најмладата екипа во лигата се издвои Атанасиевиќ со 6 гола, колку што постигнаа Георгиевски и Моралес за бранителот на титулата, на кој му недостигаше Дибиров.

Сензацијата во Битола ја заостри борбата за врвот на табелата, кој сега го делат Вардар и првиот тим на Еурофарм Пелистер со по 24 бода, а втората екипа на пелистерци е четврта со 19.