Селими: Прифаќањето на влада без ДУИ ја „фати“ опозицијата“ неспремна

Првото максималистичко барање на ВМРО-ДПМНЕ за формирање на заедничка влада без ДУИ, кое изненадувачки, беше прифатено од страна на ДУИ, според Селими, ја „фати“ опозицијата неспремна, вели оценка на аналитичарот Сефер Селими од „Демокраси лаб“ за Фокус

„ДУИ во секој случај доста паметно и итро изигра и е победник од оваа позиција, затоа што се прикажува дека државните интереси им се побитни од власта и отвораат можност да се случи влада без ДУИ. Со тоа ја имаат добиено позицијата на терен и се прикажуваат дека не се пречка, туку движечка партија кон ЕУ, вели Селими.

За другото барање на Мицкоски, евентуалните уставни измени да важат од денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките на ЕУ од парламентите на 27-те земји членки, односно по влезот во Унијата, аналитичарот вели:

„Измени на преговарачката рамка нема да се случат, тоа го кажаа и челниците на ЕУ и највлијателните претседатели, Шолц и Макрон“, вели Селими за Фокус.

Да потсетиме, на вчерашната лидерска, Мицкоски го изнел ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека се подготвени да влезат во Влада со СДСМ и останатите партии, но без учество на ДУИ што беше експресно прифатено од ДУИ!?

Мицкоски побара уставните измени да стапат на сила од денот кога ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките на ЕУ од парламентите на 27 членки.

Исто така, услов на ВМРО-ДПМНЕ е и ЕУ да донесе Декларација со која ќе нагласи дека го признава посебниот македонски идентитет, јазик, култура, обичаи и традиции.