Селекторот Брестовац и РФМ раскинаа 1,5 година пред истекот на договорот

Безличниот настап на Македонија на 27. Светско првенство го чинеше селекторот Данило Брестовац предвремен раскин на договорот со Ракометната федерација на Македонија, 1,5 година пред истекот.

„Ракометната Федерација на Македонија би сакала да ја извести јавноста дека македонската куќа на ракометот и Данило Брестовац на 26 јануари 2021 година заемно се спогодија да ја прекинат соработката околу ангажманот на машките ракометни сениори“, соопшти РФМ.

Брестовац го наследи кормилото на репрезентацијата од Раул Гонзалес на 3 март 2019 година, а ангажманот му заврши со 23. место меѓу 32 селекции на мундијалот во Египет, каде што неговите избраници остварија една победа над аутсајдерот Чиле и пет порази, од кои четири двоцифрени.

Договорот со Брестовац требаше да заврши на 30 јуни 2022 година.