Во македонската јавност има малку информации за прогонот на македонската буржоазија по доаѓањето на власт на комунистите по крајот на втората светска војна.

Електроинжинерот Ели Секуловска, наследничка на жртви на комунистичкиот режим кој уништил голем број семејства на македонски граѓани во обид да ги добијат нивните пари и злато открива дел од страотниот прогон на луѓе што биле прогласени дека се виновни само затоа што биле имашни а кој се случувал по 1945 година кога комунистите дошле на власт.

,,На денешен ден , 1986-та година , почина мојата баба Ели Секуловска. Затворена и малтретирана од тогашната УДБа ,1949-та година , доживува срцев удар, потоа осудена на две години затворска казна во Идризово каде и ја повредуваат ногата , па ќе остане доживотен инвалид . И после затворот , таа ќе остане во својот доживотен затвор ,ќе вегетира и венее и постојано ќе посакува да умре. Неодамна , прочитав во нејзините мемоари дека во УДБа била и карцирана , малтретирана и физички и психички за да каже каде и се парите и златото кое и беше откраднато и за кое никогаш не се остави никаква белешка од тогашната УДБа.

Голи Оток , Добој , Идризово

На 13 – Февруари , беше уапсен Петар , близок роднина на дедо ми , прв комунист , но дисидент , па без пресуда, пратен со првата група комунисти на Голи Оток и таму ликвидиран на 01. 02. 1953-та година. Потоа , на 19 Февруари, 1949-та година се уапсени мојот дедо и неговиот брат , па по извршената тортура над нив , другиот ден им обесуваат табли на кои пишувало “НАРОДНИ НЕПРИЈАТЕЛИ” и вразани, како бели мечки ги шетаат низ улиците на Битола се до нивните домови за да кажат каде им биле парите и златото кое им беше насилно одземено и за истотото не се остави никаква белешка.
Потоа, ја апсат и баба ми и татко ми, кој тогаш имал само 13 години . Ја апсат и прабаба ми која тогаш имала 80 години и сите ги репресираат се со една цел , да им ги одземат финансиите кои беа стекнувани во неколку генерации уназад. Ја прибираат целта документација на моите дедовци , шест месеци не можеле да им најдат никакви обвиненија , па ги задржале и малтретирале во УДБа Битола за потоа, со монтирани судски пресуди да ги осудат на 14/ 12/ 2 години затвор во Идризово и во Добој . За тоа време удбашите ги прекопале дворовите на куќите , копале и на гробишта , ја претресле секоја педа на двете куќи кои се наоѓаат во централното градско подрачје , извршиле целосна конфискација на куќите, дуќаните , а покуќнината си ја земале за по дома,Кога им го одзеле целиот имот и пари и злато ,
се расправале меѓу себе кој повеќе да земе. Децата, пак оставени сами ( 11 и 13 години) во најјаката зима , Февруари 1949-та година , додека баба ми и дедо ми биле во затвор , спиеле во дворовите , се додека комшиите не ги прибрале кај нив”, пишува во потресното семејно сведоштво Секуловска порачувајќи дека: ,,НИКОГАШ НЕМА ДА БИДЕМЕ ИСТИ , НИТУ ПРЕД БОГА, НИТУ ПРЕД ИСТОРИЈАТА”.