Секој втор млад човек без работа – газдите бараат искусни работници

Последниот извештај на Светска банка покажува дека невработеноста меѓу младите луѓе се намалила во сите балкански земји, освен во Македонија и во Косово.

Во Косово таа пораснала за 4,2 отсто и изнесува 54,9 отсто, а во Македонија за 0,5 отсто или до високи 47,6 отсто.

Извештајот „Трендови на пазарот на трудот на Западен Балкан“, покажува дека скоро секој трет млад човек во Македонија работи во сивата економија. Според Светска банка, младите луѓе од нашата држава во иднина дополнително ќе потонат во сиромаштија.

„Младите сѐ уште остануваат најизложената категорија на невработеност. Исто така, висока е и стапката на оние млади што не се вработени, а не си ниту во образованието или во каков било вид обука. Тешкотиите на младите да преминат брзо од училиште кон работа главно се должат на јазот што се јавува во вештините што ги имаат тие и оние што ги бара работното место“ објаснува универзитетски професор Марјан Петрески.

Според него, често овој јаз е толку голем што работодавците претпочитаат работници со некакво искуство, за да го намалат трошокот за интеграција на тој работник со работните задачии.

Извор : Нова Македонија