Румен Чолаков, Бугарин адвокат од Лондон и кандидат на коалицијата „Патот на младите“ на европските избори во 2019 година, има целосно спротивен став од официјална Софија во однос на блокирањето на евроатлантската интеграција на Македонија.

„Сигурен сум дека ова ќе биде крајно непопуларна позиција. Но, понекогаш лекот е тежок, а сепак на пациентот му е потребен.


Да зависи од мене, ќе го укинев бугарското вето за пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската унија. Затоа што не можам, со чиста совест, да спречам мои врсници, млади луѓе, кои се наши браќа и сестри, да се развиваат, да одат напред. Како ќе ни простат?

Како ќе простевме ние ако во 2007 година Грција ѝ ставеше вето на Бугарија сè додека не признаеме дека сите земји до Пловдив се грчки или Кирил и Методиј биле Византијци (какви што тие навистина и биле – ова е историски факт што не го омаловажува нивниот придонес за нашата култура).

Јас завршив историја на Кембриџ како 17. според успехот во класата од 209 луѓе. Мојата дисертација беше на тема ‘Воените затвореници во Бугарија за време на Првата светска војна’ и за неа добив највисока награда за модерна европска историја на мојот колеџ Тринити.

Со сета своја свест, емотивно и академски, ја чувствувам приказната и нејзиното значење.
Затоа, можам смело да кажам дека треба да се остави на научните спорови и да не биде инструмент за политички дивиденди на компромитирани националистички партии кај нас.

Секој што тврди дека ветото е од национален интерес на Бугарија е лажго и политички кукавица. Затоа што не може да биде од наш национален интерес да се претворат цели генерации наши браќа и сестри во смртни непријатели.

Силниот подава рака. Слабиот ја користи својата малку власт за злоба и одмазда.

Јас сакам силна Бугарија“, порача Чолаков на Фејсбук.