„Гоце, како една од најкрупните фигури во македонската историја, уште во текот на својот живот се оформил како автентичен водач на македонското национално и револуционерно движење. Постојат голем број историски извори, како што се спомени, беседи или брошури, напишани или искажани од неговите современици, кои јасно го признаваат како еден од гранитните столбови или трибуни на македонската самостојност и самобитност.“ – ова се наведува во статијата со наслов „Да ја чувавме чистотата на ослободителното движење“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, во статијата пишува: Македонскиот мислител и револуционер Димо Хаџи Димов го именува Делчев како прв „апостол“ на македонската револуција. Павел Делирадев, бугарски општественик, публицист и револуционер, близок до Серчани, еден од основачите на Народната федеративна партија и деец на ВМРО (Обединета), кажал дека Гоцевото име станало „легенда и знаме“ што се носело со „еднаква сила и сред македонската емиграција и сред социјалистичките кругови“.

Гоце со својот дух, позитивни особини и извонредност ги пленел срцата на современиците. Тоа се потврдува и од фактот дека неговите многубројни пријатели, но и непријатели, со восхит пишувале или говореле за него. Во овој дух е и искажувањето на османлискиот полицаец и истражител Дервиш ефенди: „Кажете му на тој чудесен јунак дека сакам да го видам и да му се поклонам: ние сите, од султанот до последниот заптија, одамна сме заморени, само тој не се уморува“.

Неговото име е легенда

Постојат голем број потврди за Гоцевото значење за сето македонско револуционерно движење. Симеон Радев (истакнат македонски новинар и виден публицист, историчар и дипломат во Бугарија) во својата книга „Великите сенки“ запишал: „По признание тој беше роден за апостол. Таков беше и по мисла. Сите угнетувања будеа бунт во неговата душа… Една незапирлива струја од разностран идеализам бликаше во него. Но тоа чедо на Кукуш беше разбрало дека пред сите идеали оди идеалот: да бидеш член на една слободна народност во една слободна земја.“

Слично искажување има и Павел Делирадев, еден од неговите блиски соработници, кој вели: „Го познавав Гоцета од деновите на неговиот полн револуционерен полет: од 1900 и 1901 г. Неговото име веќе станало легенда и знаме. Тоа се носеше со еднаква сила и сред македонската емиграција и сред социјалистичките кругови.“

Гоце како организатор и главен војвода на Четничкиот институт

Христо Силјанов (македонски револуционер, историчар и новинар) во своето капитално дело „Ослободителните борби на Македонија“ за организациските и агитаторските особини на Гоце го запишал следното: „Основна ревизија и реорганизација на Организацијата – е работата која тој ја завршуваше секаде… Во таа трескавична работа повеќе од сѐ му помага славата на неспоредлив летечки војвода…Оние кои го знаат само од Софија не би можеле со никакви описи да добијат претстава за Делчев како – апостол и водач. Секаде кај што ќе минеше оставаше длабоки бразди во македонската почва…“

Заштитник на македонското движење

Постојат голем број спомени и искажувања што потврдуваат дека Гоце бил еден од најголемите заштитници на македонското револуционерно движење, а наедно и борец против великобугарскиот шовинизам. Во овој правец се пишувањата и на Туше Влахов, кој истакнува дека Гоце имал голема заслуга затоа што ѝ дал на Внатрешната организација чисто народнодемократска форма и ја зачувал од опасноста да биде завлечена во водите на буржоаскиот национализам и великобугарскиот шовинизам.

Ризо Ризов (македонски револуционер, еден од основачите на Народната федеративна партија и ВМРО (Обединета) многу јасно ги искажува Гоцевите заложби за независност и самостојност. Според него, во текот на една средба што се одржала во историската соба број 9 во софискиот хотел „Батемберг“, а во неа присуствувале Гоце, Ѓорче Петров, Михаил Герџиков, д-р Вл. Руменов, Ризо Ризов и други, било поставено прашањето за материјални средства. Меѓу другото, на средбата д-р Руменов посочил дека бугарската влада понудила пари и дека тие средства треба да се прифатат.

Одговорот на ова барање ни го пренесува Ризов, со следните зборови: „При тие зборови Гоце скокна како опарен… Тоа не може, тоа нема да биде никогаш! Да ја чувавме чистотата на ослободителното движење и на Организацијата – тоа е првиот услов за нашиот успех… Еднаш земени пари од владата, при денешните политички услови и атмосфера, значи додаден ангажман, значи обврзување… А и моралниот удар внатре сред населението ќе биде страшен: луѓето ќе одвикнат сами да ги задоволуваат своите потреби, сѐ ќе чекаат помош однадвор, ќе ја загубат својата самоувереност – а тоа води кон загубување на самостојноста и независноста на Организацијата… Бугарската влада, којашто има чисти завојувачки намери спрема Македонија, штом ќе почне да дава пари, ќе знае како да ја исползува со таа помош создадената состојба на работите внатре: таа нема да се задоволи со некакви платонски чувства, туку ќе сака реални повластици… Повторувам, ударот ќе биде страшен!“

Гоцевите карактерни особености

Неговите современици и блиски соработници ни пренесуваат и одредени негови карактерни особености. Ѓорче Петров, соработник на Гоце, публицист, историчар, идеолог на Македонската револуционерна организација го искажува следното: „Неговиот ум беше преполн со толку мисли и желби, што веруваше дека може да го прероди светот и во него да блеснат слободата и правдата…“

Како еден од неговите најблиски соработници, Ѓорче Петров го искажува и следното: „Со кама стисната силно во раката како во екстаза, со движења кои ги правеше пред другарите, без некому лично да му се обраќа со зборови на восхит, просто ја опеваше камата како симбол на некаков култ. Секој којшто го слушаше или гледаше во таква положба, се заразуваше од неговите движења и зборови. Свештеник не ја бакнува иконата на Христос кога проповеда со таква топлина и воодушевување, како што Гоце ја бакнуваше својата кама, пред да ја стави во нејзината футрола…“