Мевљудин Алити, инвеститор на дивоградбата пред „мавровка“ денеска на прес-конференција изјави дека има легално право си го обнови објектот и дека на суд ќе бара оштета за рушењето.

На прес-конференцијата, еден од неговите адвокати праша по кој основ премиерот може да ѝ даде помош на Општина Чаир без да биде побарана.

„Во груево време имаше рушење на ‘Космос’ по телефон со бомби. По кој основ премиерот може да даде помош на општината без да биде побарана. Зошто Општина Охрид кога бара помош за рушење на дивоградбите никој не им ја дава. Ова нека биде позитивен пример, нека оваа влада си ја заврши работата во сите општини. А за оваа општина и овој објект си има институции, си има документација, ќе одиме на суд, ќе си бараме оштета. Он си има легално право да си го обнови објектот“, кажа адвокатот.
Сопственикот Алити тврди дека не треба да бара одобрение за градба за обнова на објект кој што претходно го легализирал. Кажа и дека му платил на градот 4,7 милиони денари за легализација на објектот и дека на Општина Чаир ѝ доставил елаборат и проект и не знае зошто градоначалникот Висар Ганиу велел дека не знае кој гради.