Турските власти ги предупредија бродовите да се држат настрана додека нуркачки тим проверува „објект сличен на мина“ пронајден како плови северно од Истанбул во близина на Црното Море, неколку дена откако Русија предупреди дека неколку мини се оддалечиле од украинските пристаништа, објави Ројтерс.

Рибарите први го забележале објектот во близина на пристаништето во горниот дел на Босфор кон Црното Море. Тие пријавиле во крајбрежната стража.


Портпаролот на дирекцијата потврди дека властите испратиле радио порака до чамците дека објектот е „во облик на топка со испакнатини налик на рог“ и дека е „најверојатно мина“.

Турција има поморски границите во Црното Море со Украина и Русија.

Руска разузнавачка агенција во понеделникот соопшти дека неколку мини паднале во морето откако биле отсечени од каблите во близина на украинските пристаништа.

Ова тврдење беше отфрлено од Киев како дезинформација и обид да се затворат делови од морето.

Црното Море е главна бродска артерија за транспорт на жито, нафта и нафтени деривати.