Според „Билтенот на атомските научници“, симболичниот часовник на „Судниот ден“ е поблиску „до полноќ“ од кога било претходно, што покажува дека човештвото никогаш не било поблиску до глобална катастрофа.
Часовникот е поместен на 90 секунди до полноќ за да се покаже опасноста за нашата планета од комплетно уништување поради активностите на луѓето. Најголема причина за поместувањето на часовникот поблиску до полноќ е војната во Украина.
Идејата за часовникот се јавила во 1947 година со цел да се предупреди за опасностите од нуклеарна војна. Стрелките на часовникот се поместуваат поблиску или подалеку од полноќ врз основа на процените на научниците за заканите со кои се соочува човештвото.
Полноќ означува точка на уништување!
Во 2020, стрелките беа на 100 секунди до полноќ и во следните две години не се помрднуваа. Тие беа најдалеку од полноќ на крајот на Студената војна – 17 минути.
Кремљ денеска изрази тревога дека часовникот на „Судниот ден“ се приближил најблиску до полноќ од кога било досега, иако научниците кои го поместија симболичниот бројчаник ги наведоа „прикриените закани“ на Москва за употреба на нуклеарно оружје.
„Ситуацијата во целина е навистина алармантна“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, повикувајќи на трезвено оценување на тензиите меѓу Русија и Западот околу украинската криза. Тој рече дека нема изгледи за какво било детант, врз основа на „линијата што ја избра НАТО под водство на САД“.
„Ова ни наметнува должност да бидеме особено внимателни, да бидеме будни и да преземеме соодветни мерки“, додаде тој.
Вчера претседателката на Bulletin of the Atomic Scientists Рејчел Бронсон ги наведе постојаните предупредувања од страна на претседателот Владимир Путин и другите руски политичари дека Москва можеби е подготвена да користи нуклеарно оружје како клучен фактор во одлуката за поместување на бројчаникот на „Часот на судниот ден“.