Пишува: Свето Тоевски

Револт предизвикува евроамбасадорот Гир, кој си дозволи денес наредбодавно да ѝ каже на суверената македонска нација дека уставните промени мора да се направат. Да беше оваа „северна недојдија“ суверена држава барем 1 процент, Гир ќе беше прогласен веднаш како „персона нон грата“ – „непожелна личност“ и ќе му беше наложено да ја напушти Македонија.

Пендаровски, така наречениот „македонски претседател“, кој бара „широк консензус“ за растурање на Македонија!

Револт предизвикува Пендаровски, така наречениот „претседател“ на „северната“ божемдржава со својот денешен повик за „национален конзенсус заради внесување на Бугарите во преамбулата на Уставот“. Тој уште и недоветно прашува „како ја уриваме македонската држава, ако во нејзиниот Устав внесеме и други народи како Бугари, Хрвати, Црногорци, можеби Евреи и.т.н.“! Заборава ли Пендаровски дека се бара внесување на грстот од 3500 Бугари како „државотворен народ во Македонија“, не знае ли тој што значи впишување други народи со нивната државотворност во преамбулата на Уставот на една држава?! Принципот на самоопределување до отцепување според меѓународното право по автоматизам ќе се однесува на секој друг народ, кој ќе се „вдоми“ во македонскиот Устав и нема ли ова, така наречен „македонски претседателе“ Пендаровски, да претставува уривање, поточни да бидеме, распаѓање на македонската држава?!

Дилеми создава „силната поддршка на САД Македонија да ги почне преговорите со Европската унија, за што е потребно да се спроведат уставните измени“. Овој став го нагласи Дерек Шоле, советникот на државниот секретар на САД Ентони Блинкен. Вазалскиот премиер Ковачевски уште и се испофали дека „никогаш не било посилно стратегиското партнерство со САД“. Во текстот на „Декларацијата за стратегиското партнерство и соработка меѓу Соединетите Американски Држави и Република Македонија“ од 2008 година се наведува дека „САД ја потврдуваат својата поддршка на принципите на суверенитет и територијален интегритет на државите, на целите и принципите на Повелбата на ОН, и на унитарна и мултиетничка Македонија во своите постојни граници“.

Но, што ќе остане од територијалниот интегритет и унитарноста на Македонија како држава кога во нејзиниот Устав ќе се внесат „државотворниот бугарски народ“, а напоредно со тоа и „државотворниот и автохтон албански народ“?!

Согласно со духот и принципите на „Декларацијата на независноста на САД“ имаат и Македонците право на свој идентитет и национално самоопределување, кои сака Бугарија да им ги уништи со уставните измени

Со своите однесувања и ставови кон Македонија и кон македонската нација сегашните политички лидери и дипломатски претставници на САД постапуваат спротивно на споменатата декларација за стратегиско партнерство. САД практично застанува на страната на Бугарија и на нејзиниот нововрховизам и хегемонизам кон Македонија и Македонците, на страната на бугарската политичка агресија против македонскиот идентитет јазик, култура и историја.

Со оглед на посетата на Шоле во Македонија, ќе повторам и ќе дополнам ставови изнесени во моја претходна колумна. Согласно со еден од темелните принципи во „Декларацијата на независноста на САД“ од 4 јули 1776 за правото на слобода на сите луѓе насекаде – не само за Американците – исто така и Македонците имаат право на своја слобода, исто така и тие како народ имаат право, но и обврска со сите сили и со сите средства да им се спротивстават на притисоците, кои се вршат врз нив да се смени Уставот на нивната држава Македонија.

Агелер, Шоле и секој друг американски политичар, лидер и дипломат треба да имаат предвид, дека согласно со духот на нивната „Декларација за независноста на САД“, исто така и Македонците имаат право да си ги бранат својот идентитет и национално самоопределување како Македонци, со свој македонски јазик и со своја сопствена и автентична национална историја. Права кои им ги негира и се обидува преку уставните измени да им ги уништи Бугарија. САД треба да согледаат дека за огромното мнозинство од Македонците евроинтеграцијата на Македонија е веќе претворена во прав и пепел и оти е бесмислено да се менува Устав во замена за нешто, што нема да се оствари никогаш. САД треба да го испочитуваат колективниот став на македонската нација да не се гиба во Уставот.

Наспроти „Фронтот за европска Македонија“ на Ахмети македонскиот политички фактор барем привремено треба да се обедини и да создаде „Македонски фронт за илинденско-асномска Македонија“!

Во овој момент македонскиот народ е соочен со со огромен предизвик и поради „Тиранската платформа 2“. „Да создадеме фронт за европска Македонија, да бидеме смели во овој историски момент и да ги направиме промените на Уставот, кои ни ги отвораат патот кон зачленувањето во ЕУ.“ – кажа на 22 декември минатата година Али Ахмети и по 18 дена отиде во Тирана, заедно со тројцата други лидери на албански партии од Македонија на договарање со Рама како да го домесат „македонското тесто“ за нивната „албанска погача“. Но, не смее „тиранската журка“ да се сфати само како однапред договорени потези меѓу албанскиот премиер Еди Рама и Али Ахмети заради спасување на првиот „интегративец“ како лидер и на неговиот „интегристичко-партиски јорган, преполн со министерски и други болви“.

Средбата на 10 јануари во Тирана е и потег на меѓународните центри на политичката моќ, кои почнуваат да го покренуваат и албанскиот политички чинител во Македонија како нивна „проверена алатка“, заради изнудување нови промени во уставниот поредок и на државно-политичкото устројство на Македонија. Ако на некој премногу „тврдоглав“ Македонец би му текнало да се побуни и да се спротивстави на менувањето на Уставот, тука е и заканата на Ахмети токму од Тирана дека „без Албанците ќе ја снема Македонија“!

Сега се наметнува националниот императив и македонските политички сили да создадат „Македонски фронт за илинденско-асномска Македонија“! Изнесувам свој личен став дека, исклучувајќи го „трговското друштво за продажба на Македонија и Македонците“ – СДСМ, во овие судбоносни и историски критични моменти македонските политички партии треба барем привремено да ги тргнат настрана меѓусебните нетрпеливости, да се обединат и да изградат непопустлив бедем против измените на Уставот. Македонскиот политички фактор мора да го спречи и спроведувањето на она, што е испланирано во „Тиранската платформа 2“, но и да се преиспитаат и да се отстранат сите последици врз уставниот поредок и државно-политичкото устројство на Македонија и од „Тиранската платформа 1“. Поради неа, но и главно поради „доброседските договори“, „македонската куќа“ е целосно испревртена наопаку и не функционира повеќе за никој граѓанин, за никој етникум.

Спротивставувајќи им се на апокалиптичните промени на Уставот, секој Македонец-пратеник во Парламентот особено сега мора да мисли и да работи за интересите на Македонија!

Ако започне да се гради некаква проширена „проевропска коалиција“ на партии во Владата, заснована и врз „Заедничката ЕУ-агенда“ на албанските партии, усвоена во Тирана на 10 јануари, тогаш сето тоа ќе дојде во целосен и конечен судир со државно-националните интереси на Македонија и Македонците. Ова се моменти кога започнува да кулминира судирот меѓу бугарската „санстефанска“ државотворна агенда и албанската државотворна агенда, од една страна, и македонската државотворна агенда, од друга страна.

Ако Македонците и македонскиот политички фактор го спречат неповратното уривање на Македонија во бездната, што би се случило со промената на Уставот, тогаш ќе биде спасена и ќе биде обезбедена иднината за наредните македонски поколенија. Секој Македонец-пратеник во Парламентот мора да биде свесен за ова. Секој Македонец-пратеник во Парламентот мора да биде свесен дека особено за него сега во овој момент важи завештанието на Крсте Мисирков од статијата „Самоопределението на Македонците“ од 1925 година: дека мора да има „безаветна и безгранична љубов кон Македонија“ и оти мора „постојано да мисли и да работи за интересите на Македонија“.

Македонскиот политички фактор мора обединет да и се спротивстави на „волчата ноќ“, која што се надвиснува над Македонија и Македонците отаде Софија, Тирана и Брисел и да ги разгори „искрите на македонските мугри“!