„До пред само два месеци, лидерот на малата балканска нација во Северна Македонија одеше исправено, славен од светските лидери, фален од првиот човек на ОН затоа што понуди ретка светла точка во проблематичниот светски пејзаж, а се најде и на листата на кандидати за Нобеловата награда за мир, пишува „Њујорк тајмс“.
Премиерот Зоран Заев ја заложи својата политичка кариера и иднината на својата земја во решавањето на тридеценискиот спор со соседна Грција за името на земјата. Со помош на макотрпна дипломатија и наспроти очекувањата, тој успеа.
Но седејќи пред неговата канцеларија во Скопје, сето тоа изгледа далечно, пишува весникот.

„Се кршам одвнатре”, вели Заев во разговор за Њујорк Тајмс.
Весникот наведува дека се очекувало оти промената на името ќе го отвори патот за приближување на Северна Македонија кон ЕУ, но минатиот месец Франција стави вето на одлуката, барајќи реформа на процесот.
Њујорк Тајмс оценува дека ветото од Франција за отворање преговори со ЕУ и покрај промената на името на државата, ја дестабилизирало владата во Скопје.
„Тоа ме уништи лично, психолошки“, вели Заев кој вели дека е загрижен „не само за себе и за земјата“, туку и за стабилноста на целиот Западен Балкан.
„Национализмот и радикализмот можат повторно да пораснат. Постои ризик од конфликт во самите држави, но и меѓу државите“.