Лидерот на бугарската партија Има таков народ, Слави Трифонов, се придружи на хорот од Софија што не штеди закани кон Македонија и кон, како што вели тој, „Северномакедонците“, по претепувањето на секретарот на клубот на Бугарите „Цар Борис Трети“ од Охрид, Христијан Пендиков.

„Ветото мора да се врати. Тоа е единствениот механизам со кој можеме да се спротивставиме на антибугарската кампања во оваа земја, која почнува да добива чудовишни размери“, рече тој на денешниот брифинг со новинарите. „Тие кои го симнаа ветото се политичките партии Продолжуваме со промените, ГЕРБ, ДПС, Демократска Бугарија и БСП со нејзиното неучество. Ние немаме ништо со тоа – бевме против укинувањето на ветото, бидејќи единствениот начин да ги натераме Северномакедонците да слушаат е да не се укинува ветото. Ветото падна поради овие политички партии. Нашиот министер за надворешни работи беше заобиколен од Народното собрание и од Кирил Петков, кој си имаше негов министер за надворешни работи и негова политика во однос на Република Северна Македонија“.

Трифонов на 8 јуни 2022 година објави дека ги повлекува министрите на Има таков народ од коалициската влада на чело со Петков. Како главна причина несудениот премиер на Бугарија ја посочи надворешната политика во однос на Македонија.

„Премиерот направи паралелен министер за надворешни работи кој преговараше со Република Северна Македонија без воопшто да го информира нашиот министер за надворешни работи и мене за тоа што прави. Ова е една од причините поради која Кирил Петков повеќе не е премиер“, објасни денеска Трифонов.